Учениците од средните училишта се способни и спремни да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици, беше заклучокот од Bootcamp-от на UPSHIFT програмата.
Во рамките на програмата, од 02 до 04 ноември во Струга се одржа тридневен настан-UPSHIFT Bootcamp за развој и поддршка на социјални иновации поврзани со ВОЗДУХОТ каде 10 средношколски тимови беа избрани за финалисти на отворениот повик на програмата.
Средношколски тимови од Скопје, Гостивар, Делчево и Македонска Каменица составени од по 5 ученици со поддршка на ментор ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со загадување на воздухот. Прекумерно користење на фосилни горива, непостоење на филтри за прочистување, несовесно третирање на отпад, се само дел од предизвиците за кои средношколците понудија свои решенија.
Пет тима беа прогласени за победници од страна на стручно жири врз основа на презентациите и потенцијалот на решението.
СУГСГ „.Орце Николов“ – Скопје ќе работат на создавање компанија која саѓите на веќе постоечките оџаци и филтри ќе ги употреба за производство и продажба на мастило, чиј профит потоа ќе го инвестира во поставување на нови филтри.
СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ – Скопје ќе работат на создавање на иновативен систем за филтрација на воздух, наречен Хексам филтер кој ќе се поставува на прозорци, транспортни средства, фабрики и на отворено.
СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ – Македонска Каменица ќе креира ученичка компанија која ќе увезува и одгледува сребрена бреза, дрво кое е способно да апсорбира повеќе од 3100 килограми јаглероден диоксид.
СОУ „Методи Митевски-Брицо“ – Делчево ќе постават електростатски филтри на оџаците од своето училиште, основното училиште, детската градинка и центарот за лица со посебни потреби. Поставените филтри ќе прочистуваат 99% од штетните честички.
СОУ „Гостивар“ – Гостивар ќе конструираат биоразградувач „ТТД“ што ќе користи биоразградлив отпад кој ќе го трансформира во биогас кој ќе произведува електрична енергија за домашна употреба. Со тоа ќе се спречи загадување на воздухот со метан.
Победницитe добија по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.
Bootcamp-от го отворија претставници од УНИЦЕФ, Амбасадата на Шведска и Фондот за Иновации и Технолошки Развој со чија поддршка се спроведува програмата.
„Младите во Северна Македонија, како и насекаде во светот, бараат да се преземе акција за да можат да дишат чист воздух и да живеат во здрава, одржлива животна средина,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “Драго ни е што децата и младите реагираат со ентузијазам на овој циклус на UPSHIFT и повторно покажаа дека, кога ќе им се даде простор да се изразат и да учествуваат, имаат капацитет да создаваат иновативни идеи и решенија“.
„Ме прави навистина горд што преку UPSHIFT програмата и оваа година успеавме да им дадеме шанса на голем број млади претприемачи да работат на иновативни решенија на тема која не засега сите, а особено младите и децата, кои имаат основно право на здрава животна средина, чист воздух, храна и вода. Ние во Фондот се обидуваме постојано да бидеме отворени кон нови иницијативи и идеи на младите, креативни умови, кои имаат амбиција да креираат успешна и просперитетна генерација која ќе креира долгорочни позитивни промени за целото општество. Верувам дека на младите луѓе треба да им се даде шанса и простор и исто така верувам во нивниот потенцијал и енергија да создадат големи промени” истакна Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Говорејќи на отворањето на настанот, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија Ами Ларсон Јаин ја истакна важноста од справување со загадувањето на воздухот и им се заблагодари на средношколците што го инвестираат својот ум и својата креативност во креирање иновативни решенија за колективната задача за борба против загадувањето на воздухот и климатските промени
„Загадениот воздух е предизвик во речиси сите градови во земјата. Земајќи го ова во предвид нашите средношколци изработија иновативни решенија кои ќе придонесат за дишење на почист воздух во своите средини. Тие покажаа дека кога ќе им се даде можност, знаат да се активираат и да размислуваат претприемнички“. изјави Иван Јованов, извршен директор на Здружение ЛЕАД, имплементатор на програмата.
UPSHIFT е програма наменета за ученици (14-19год.) од средните училишта кои имаат идеја за решавање на предизвик/проблем во нивната заедница.
Програмата ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој.