Лек против контаминирана свест! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Хуман млад свештеник грижливо собирал милостина по околните села за да им помогне на сиромашните, децата без родители, изнемоштени стари луѓе и болните. Го правел тоа со чиста душа и без никаква корист. Се заблагодарувал со зборовите: „Да го имате тоа што го заслужувате“. Во вечерните часови, собраната милостина ја делел во одвоени пликоа. Една ноќ, штом уморениот свештеник легнал, некој силно тропал на вратата. Вообичаено тоа го правеле луѓето што имале некоја мака. Свештеникот ја отворил вратата, и за чудо пред себе видел еден агресивен насилник кој веднаш почна силно да го удира по главата и телото, заканувајќи му се дека ќе го убие ако не му ја даде целата собрана милостина. Свештеникот сиот крвав му ги даде сите пликоа, додавајќи дека – секој треба да го има тоа што го заслужува!

Насилникот си заминал со пленот, ама бил многу љубопитен да види колку „спечалил“. Го отворил првото плико и што да види!? Во пликото стоело името и презимето на неговата напуштена мајка! Насилникот се запрепастил, почнал да плаче, да вришти, да се удри по главата за своите злодела. Низ плач се вратил кај свештеникот и го замолил: „Земете ги овие пликови назад, дајте ми ја таа ваша духовна сила што ве тера на такви добри дела“!

А и нашата понова свест и култура е полна со духовна празнина. Таа е контаминирана во триесетгодишна практика дека чесноста е одлика на слаб и наивен човек. Дека да бидеш праведен и искрен е будалаштина, дури и богохулие. Како да сме убедени дека патот на Сатаната води кон среќата. И затоа сме тука каде што сме, оти не знаеме дека постои една енергија која можеме да ја нарекуваме со разни имиња, која за секој испраќа заслужена сметка. Светот е полн со примери каде што лошото доведува до трагичното. Примери!

Некогашниот претседател на Република Конго (подоцна Заир), Мобуту Сесе Секо, владеел на суров начин цели триесет и две години (1965 -1997). Играл и со Запад и со Исток, вклучително и со таткото на кинескиот комунизам  Мао Це Тунг. Функционирал со помош на огромен криминал и корупција, маскирајќи се вешто под „патриотизам“. Сите свои неистомисленици ги прогласил за непријатели и предавници, а голем број ликвидирал на суров начин. Се смета дека тој проневерил над 15 милијарди долари, додека децата масовно умирале од болести и глад. Во Франција си купил најскапа вила со голем имот вреден 260 милиони долари. Најпосле, бил крваво соборен, но успеал да избега во Мароко каде што за кратко време починал. Се претпоставува дека биле труен од агенти на новата заирска власт. Му настрадало и целото семејство.

Филипинскиот диктатор Фердинант Маркос (владеел 1965-1986), самопроглесен за „голем патриот“, а користел повеќе дебели банковни сметки по офшор државите. Парите најмногу ги стекнал со насилно преземање туѓи компани и рекетирања по државата. Кога се појавил Бенино Акињо, еден млад опозиционер кој многу брзо се стекнал со слава, Маркос наредил да го убијат на суров начин. Алчноста на неговата фамилија отиде до таму, да неговата жена наредила да се убијат десетина илјади птици за да од секоја изгината птица земе по неколку пердуви и да направи уникатен фустан во светот. А во земјата околу милион напуштени деца живееле гладни по шумски импровизирани колиби. По насилни демонстрации избегал на Хаваи, а таму бил отруен.

Нигерија, иако богата со нафта, била разорена поради корупција, непотизам и партизација. Тоа го хранел тероризмот на „Бока харам“, па многумина сметале дека државата треба да биде водена од цврста рака, а тој ти бил генерал Сани Абача. Тој првите три години покажал видни резултати, но потоа пак по старо. Никој не знае точно колку пари проневерил „големиот патриот“ Абача. Го ликвидирале во неговата вила „Абуџа“, а американските органи ја известиле Нигерије дека на една сметка на Абача во САД, биле пронајдени дури 458 милиони долари, веројатно заборавени пари.

Се смета дека најкорумпиран водач на 20-от век без дилема бил индонезискиот долгогодишен претседател Мохамед Сухарто. Тој владеел меѓу 1967 и 1998 година, присвојувајќи над 35 милјарди долари. Но, во 1998 се случи голем воен бунт и тој бил принуден да поднесе оставка. Парите му биле одземени. Настрадала целата негова фамилија. Интересно што, дури и после 10 години по неговиот пад, била пронајдена заборавена негова сметка во висина од 32 милиони долари.

Неславно завршија и многу други диктатори, кои кариерата ја започнале како патриоти и идеалисти, а ја завршиле како големи криминалци. Такви се – канибалистот Жан Бокасо (кој лично со свои раце ги масакрирал политичките противници), суровиот Садам Хусеин, умноболниот Иди Амин итн.

Но, сето тоа тешко продира во нашата тешко контаминирана свест, особено кога реалноста ни е тоа да често и тие кои што треба да и служат на божјата волја, се мрсаат од трпезата на Сатаната и се кријат зад црните стакла на огромните црни џипови.

Има ли чаре?!

Има голем број светски блескави примери кога државници и владетели со своите несебични дела, често ризикувајќи го и својот живот, создале историјата на народи, држави, па и за целото човештво.

А кај нас, бројни политичари настојуваат да користат зборови кои лесно допираат во срцето без да поминат низ разумот. Налик на некакава црна магија, празна но опасна. Нашите водачи се служат со општествените дефекти и девијации во општеството, за кои и самите се заслужни. Некако брзо исчезнува од свеста на луѓето, дека најголемата контаминација на човечката свест е направена за времето на еден водач кој човечкиот мозок го извалкал со изметот на Букефал. Кога смешни нешта грижливо беа прогласени за национална гордост, создавајќи лажно минато која ја уништи реалната иднина. Нели беа подигнати големи споменици за да се рушат малите луѓе, за да изгледат сѐ понемоќни пред моќта на власта.

Целата техника на владеење, била заснована на корумпирани медиуми и новинари, кои имала за цел да ги убедат луѓето дека нивната судбина е врзана за тоа колку тие ќе можат да се мобилирираат во нивната етноцентрија! За жал сеуште се всадува во главата на просечниот граѓанин дека ЕУ не е иднината, оти со нејзината непринципиелност таа гази по достоинството на мнозинскиот народ, игнорирајќи да признаат дека токму таквите злобни политики низ години беа пречки државата да го изнајде својот вистински пат и да биде многу понапред од  тие што сега не блокираат. Потоа ние Бугарија ќе ја блокиравме поради малцинствата. Сите што биле зад нас не стасаа, не надминаа, а сега не условувааат. Самите казната ја заслуживме. Што е најлошо, иста таа политичка идеологија сеуште садистички или во име на инаетот, продолжува да ја храни соседната политика на уцени. Башка, што демографски сме преполовени, а продолжуваме да си ја удираме главата во ѕид, сакајќи да докажеме дека главата ни е поцврста од ѕидот.

Не е познато дали ваква тврдоглавост е поради внатрешните политики на власта или пак тоа ни е оригинерно. Со вродена мана или комплекси. Да се бараат избори за да се спасиме од „Францускиот предлог“ е рамно на тоа да ги одобрите опасните ветришта кои ќе ви ги изместуваат патоказите кои насочуваат или кон рајот или пеколот. А во пеколот не се бараат подобри принципи, подобра економија, подобро живеење, подобро образование, подобро здравство, подобра инфраструктура итн. Луѓето се занимаваат што кажал Макрон, Шолц, или Путин, а не се запрашуваат зошто со милијарда евра увезуваме храна. А во времето на тој трул социјализам ја храневме половина Југославија. Како тоа, од состојба на консолидирана држава со добар стандард, остнавме последна за да не уценува секоја поранешна парадржава! Зошто не продолживме со функционална држава со функционално судство, функционална администрација, развојна визија! Бугарите не ни се виновни за ненаправеното. Виновникот ни е токму пред огледалото. Трошиме години со логиката дека нашето зло е поприфатливо од нивното добро. А и сега продолжуваме да избираме луѓе во правосудство од кои странците се запрепастуваат!

Мерит-системот е главниот лек за спас од тешки девијации, а никако безвредниот национализам и патриотизам. Ескобар со право вели дека овдешните политичари „не еволуирале во нивното размислување заробени во 1990 година“. Европа пет до десет години по крвавата војна ја создаде ЕЕЗ, заедничкиот пазар, а ние и по 30 години се држиме на нишан. Политичарите продолжуваат да ни се продаваат како големи партиоти, а целта им се големите пари, а ние упорно продолжуваме да ја купуваме таквата храна што не труе. Нормални држави, дури со територија како нашата држава издржуваат десетина милиони луѓе, а ние како да сме осудени да останеме рај за криминалци, а пекол за чесните. Никако секој да го има тоа што го заслужува!