Речиси шест милиони луѓе во повеќе региони во Украина немаат струја на првиот официјален ден од зимата која во оваа земја започнува денеска, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинската државна служба за вонредни состојби извести дека девет лица загинале во пожари, поради прекршување на безбедносните правила во обид да ги загреат своите домови, по руските напади врз електроенергетските постројки. што оставија големи делови од Украина без струја
„Само во последниот ден имаше 131 пожар во Украина, од кои 106 во станбениот сектор. Девет лица загинаа, осум се повредени“, соопшти службата за вонредни состојби, пренесува Гардијан.
Во Украина продолжуваат руските воени напади врз земјата. Руската војска, користејќи повеќецевни ракетни системи, ги нападна заедниците Марханец и Червонохрихоривка во областа Никопол во регионот Днипропетровск. Во Червонохрихоривка била уништена една зграда, а биле оштетени уште две, како и неколку куќи, гасоводот и електричните мрежи, со што само во оваа област околу 300 семејства останале без струја, а 30 без природен гас, јави Укринформ.
Украинското државно обинителство соопшти дека во земјата се регистрирани 50.297 злосторства на агресија и воени злосторства извршени од страна на Русија. Од нив, 48.507 се поврзани со прекршување на законите и обичаите на војната, 73 се поврзани со планирање, подготвување или започнување и водење на воена агресија, 40 се поврзани со воена пропаганда, а 1.577 се други злосторства.
Во меѓувреме, САД одобри да ѝ испрати на Украина вкупно осум напредни ракетни системи земја-возуд „Насамс“ за да помогнат во спречувањето на руските ракетни и беспилотни напади. Армијата на САД за ова потпиша договор во вредност од 1,2 милиајрди долари со компанијата „Рајтеон Технолоџис“.
Првата испорака на два вакви система за воздушна одбрана Украина ја доби во ноември, додека останатите ќе бидат испорачани во наредните месеци.
Овие шест „Насамс“ системи беа дел од петтиот пакет на Иницијативата за безбедносна помош на Украина, која беше најавена во август, и има вкупна вредност од 2,98 милијарди американски долари, се вели во соопштението на Армијата на САД.
Пентагон соопшти дека „Насамс“ системите што ги обезбеди САД, досега имаат 100 отсто успешност во Украина во пресретнувањето руски ракети./Мета.мк