ОЈО поведе постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици во Скопје

Сподели

 

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 од Кривичниот законик.

Осомничениот 53-годишник, на 5 декември, со возило „Мини купер“, навлегол на крстосницата меѓу улиците „Пијанец“ и „Козле“, без да го пропушти возилото кое веќе се движело по улицата „Козле“ и кое имало првенство на минување. На тој начин тој го попречил движењето на мотоцикл „Хонда“, управуван од дете на возраст од 14 години.

Мотоциклот удрил во страничниот дел од автомобилот, оштетениот се превртел и паднал на коловозот, па се излизгал на лентата наменета за сообраќај на возила во спротивна насока, каде удрил во автомобил „Цитроен Ц3“. Во несреќата, оштетениот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди и веднаш починал.

По предлог на јавен обвинител, Основниот кривичен суд Скопје определи мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и привремено одземање на возачката дозвола односно забрана за нејзино издавање.