Уставниот суд поведе постапка за Одлука за градба на станбени згради надвор од центарот на Куманово

Сподели

 

Уставниот суд денеска ја одржа 41. седница со дневен ред на којшто беа закажани осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за слободи и права. 

Меѓу предметите за којшто се одлучуваше е и предметот во којшто е оспорена Одлука на општина Куманово, со којашто се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година.  

За овој предмет Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка со што изрази сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката донесена од Советот на општина Куманово. 

Имено, Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката. Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици. 

Поради ова Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука.