Министерството за транспорт и врски го објави јавниот повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за период 2023-2025 година.
“Наша стратешка цел е да ги искористиме сите капацитети што ги нуди Меѓународниот аеродром Скопје и Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле да овозможиме квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните.
Денеска сакам да информирам дека Министерството за транспорт и врски го објави јавниот повик за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии од нашите два аеродроми.
Финансиската поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија се имплементира заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните на Северна Македонија.
Сакам да потенцирам дека овој јавен повик е различен од претходните и на овој повик можат да се изберат повеќе авиокомпании. Исто така овој јавен повик е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија. Јавниот повик за финаниска поддршка се однесува за период од три години и тоа периодот од 2023 до декември 2025 година.
За следната 2023 година, во буџетот предвидовме 1,1 милион евра за оваа намена. Истиот е веќе објавен во Службен весник, на веб страната на Министерството за транспорт и врски, во два домашни печатени медиуми и еден странски медиум. Јавниот повик е отворен, транспарентен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми:
– Да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на Европската Унија согласно прописите за издавање на уверение за работа на авиопревозници
– Да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019 година
– Да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година
– Да достават изјава заверена на нотар, дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка.
Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед:
– Период на oперирање на дестинацијата
– Број на неделни летови
– Атрактивност на аеродромот кон кој оперира
– Број на седишта понудени на продажба
Во однос на износот на финансиската поддршка би сакал да информирам дека тој ќе изнесува:
– 7 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје
– 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.
Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје, треба да не биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони од и до Меѓународниот аеродром Скопје.
Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од аеродормот Св. Апостол Павле во Охрид, треба да не биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони од и до Св. Апостол Павле во Охрид, како и од и до Меѓународниот аеродром Скопје.
Понатаму, авиопревозникот кој е избран за корисник за финансиска поддршка е должен:
– Секоја нова дестинација воспоставена од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка треба да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање.
– Да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации
– На секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за своето работење.
Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 19 јануари 2023 година до 12:00 часот, во архивата на Министерството за транспорт и врски.
Јавното отворање на барањата за финансиска поддршка ќе се одржи на ден 20.01.2023 година во 12:00 часот.
Тоа што сакам да потенцирам е дека целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин и Ве уверувам дека ќе избереме авиокомпании кои ќе достават најдобри понуди согласно критериумите во Јавниот повик” , соопшти министерот Благој Бочварски.