ПАТРИОТИЗАМ ИЛИ РАЗМАКЕДОНЧУВАЊЕ? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Патриотизмот е чувство на длабока приврзаност кон Татковината, кон сопствената Држава и кон сопствениот народ.

Александар Литовски

Тоа е чувство на гордост дека се припаѓа на една земја чија историја е преполна со бесмртни дела од нејзините доблесни ќерки и синови и чувство на спокојна самоувереност дека земјата и нејзините луѓе имаат самоопределувачка и среќна иднина. Љубовта кон Татковината е жива сила која го движи општеството кон секојдневна борба за зачувување на своето, на слободата и самоодржливоста и кон борба за прогрес на сите полиња од народниот и државниот живот.  

Македонскиот државен и национален патриотизам, македонското национално и државно единство, во овој денешен стадиум на развој на македонската нација и држава, се во лоша и жална состојба. Секако, погледнато од перспектива на македонските национални и државни интереси. Се најдовме во таква неповолна и загрижувачка ситуација не само заради тоа што веќе триесеттина години не се негува националното и државното достоинство, туку и заради острата партиска поларизација која ги корозира сите процеси кои се од национален интерес.

Денес македонството се обидува да се одржи преку пасивна резистенција и државно коленичење пред силниците во регионот и светот. Тоа, во комбинација со анационалните идеали пропагирани од неолиберализмот како доминантна идеологија, го ситни и уништува македонскиот патриотизам. Таквото слугинско однесување, на долг рок, ќе го развие чувството на државна и национална безвредност, што пак ќе се трансформира во политика на персонално национално подаништво и периферност. Со реална опасност за постепено размакедончување за сметка на големодржавните националистички проекти на соседите. Впрочем, политиките за создавање на големи држави на Балканот ги влечат своите корени од пред век и половина, а уште од тоа време таквите националшовинистички проекти се обидуваа да го „проголтаат“ македонизмот и да ги избришат Македонците. И, да не се залажуваме, Мегали Елада, Велика Србија и Санстефанска Бугарија не се само проекти од минатото, туку егзистираат и во сегашноста. За жал.

Размакедончувањето, отсекогаш, а и денес, е замислено како доготраен процес, во кој Македонците треба да поверуваат во туѓонационална историска приказна, да се приврзат кон туѓа турбо-фолк култура, да почнат да ја пизмат сопствената земја и сопствените сонародници и да бегаат „што е можно подалеку“ од нив, секојдневно да плукаат по своите вистински македонски национални борци и да величаат некои антимакедонски и врховистички „револуционери“ од типот на Бабубнски, или Александров, да прифатат и шират државен и национален дефетизам и нихилизам. Околу нас, последниве година-две, ги урлаат и врескаат  своите антимакедонски мистификации сите оние странски платеници што се замислиле дека се некаков општествено-политички фактор и дека знаат сè за сè. Посебно за македонската етногенеза и македонската историја. А тоа нивно урлање и врескање, најчесто, се поклопува, или е верна копија, на најмрачните антимакедонски лаги за македонизмот и клеветења на македонските националвтемелители и државоградители од страна на националистичките гласноговорници од соседството.

Оние, пак, кои, сè уште, веруваат и го бранат „чистото„ македонство, кои го чувствуваат за свое антифашистичкото и националноослободително македонско наследство, оние кои не сакаат да ги прифатат за свои херои Коте или Ванчо, оние за кои, отсекогаш и засекогаш, постоело не македонско прашање, туку македонското национално прашање, денес се претворени во политичко-национални донкихоти кои се борат со илијадници, прикриени и јавни, платеници на странските тајни служби и потомците на одамна поразените врховизми и фашизми. И тие, современи македонски борци, ги побиваат, секојдневно, антимакедонски и антилогични баналности, демонизации, измислици и лаги. Тоа се луѓето кои, не само што не дезертираат од борбата за одбрана на македонизмот од врховистите и македонските непријатели, кои не само што не дозволуваат да бидат размакедончени и да биде одмакедончена Македонија, туку и секојдневно, вршејќи ги совесно и доблесно своите професионални должности, го градат успехот на Македонија. Единствените вистински македонски патриоти се токму овие луѓе, кои живеат и работат во интерес на државата и народот македонски, во интерес на доброто на сите, во интерес на опстанокот и напредокот на земјата. Всушност, токму тие Луѓе се  – Македонија.