Зеленски предупредува за будност на белоруската граница

Сподели

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Лвив изјави дека украинските сили мора да бидат подготвени за евентуален нов руски напад од правецот на Белорусија. Тој рече дека станува збор за силите што се наоѓаат долж целата украинско-белоруска граница, заедно со оние што се наоѓаат во пограничните украински региони со Белорусија, пренесува Гардијан.

Станува збор за граница која е долга 1.084 километри, но самиот Зеленски вели дека во моментов не може да се забележат бројни руски и белоруски сили и опрема долж границата. Сепак, украинското воено раководство заедно со Зеленски во Лвив дискутираа за степенот на подготвеност на украинските погранични сили и војници кои се лоцирани долж белоруската граница.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека началникот на руските сили, генерал Валериј Герасимов е назначен за нов командант на здружените сили во Украина, кои вршат воена инвазија врз оваа земја. Досегашниот командант – Сергеј Суровкин е сменет по само три месеци откако беше назначен на оваа позиција од официјален Кремљ. Сепак, Суровкин ќе остане заменик на Герасимов во иднина, пишува Би-би-си.

Украинските власти посочуваат дека жестоки борби и понатаму се водат во градот Соледар во Донецкиот регион и дека тој не е под руска контрола, како што претходно соопштија руски извори. Би-би-си пишува дека Соледар е на околу 10 километри од градот Бахмут, така што евентуално заземање на овој град ќе им овозможи на руските сили да го напаѓаат Бахмут и од север. Украинските власти тврдат дека само во еден напад врз руска база во близина на Соледар загинале над 100 руски војници, но засега овие информации не можат да се потврдат од независни извори.

Руските ракетни напади врз цивилни цели во Украина продолжија и во изминатово деноноќие, при што се регистрирани жртви и оштетени објекти во неколку украински региони.

Во Донецкиот регион во изминативе 24 часа е убиен еден цивил како последица на руските воени дејствија, пренесува Укринформ. Градот Херсон во текот на вчерашниот ден е погоден со проектили во дури 90 наврати од руските сили. Еден цивил загина, додека пет лица се повредени во нападите врз Херсон, јавува Укринформ. Во Херсон се погодени станбени згради, куќи и други цивилни објекти.

Во руски ракетен напад е погоден и градот Запорижја, каде што се оштетени инфраструктурни објекти и куќи на цивили, пренесува Укринформ. Украинските власти додаваат дека нема пријавено загинати и повредени лица./Мета.мк