ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ЌЕ СЕ ФОРМИРА МАКЕДОНСКИ ФБИ

Сподели

 

– Криминалот ги разорува институциите и го кочи демократскиот развој на државата. Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мораме да се справиме. Криминалот е навлезен во сите пори на општественото живеење. Народот не може да создаде толку колку што власта може да растури и украде“, рече пратеникот Павле Трајанов, предлагач на законот за Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција на денешната трибина „Системски реформи – борба против организираниот криминал“ која се одржа во хотелот „Бест Вестерн“.

Со законот се предвидува формирање на независна Агенција, која ќе открива тешки кривични дела од организиран криминал, ќе го открива криминално стекнатиот имот на политичарите, ќе предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување.

– Заеднички се оценките дека Македонија и натаму се криминализира, дека отсуствува политичка волја за ефикасна  борба против криминалот, дека не функционира имунолошкиот систем во државата, а последица е целосна ерозија на институциите на државата. Криминалот полека но сигурно ни ја јаде државата, поради тоа што никогаш досега не постоела вистинска определба кај власта за ефикасна борба против организираниот криминал и високата корупција. Најопасен е институционалниот криминал поради кој ниту една реформа не може да се постави на системски основи. Проектот ДЕКРИ го подготвивме во 2005 година, но сите влади досега одбиваа да го имплементираат. Законот за Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и високата корупција е само еден дел од проектот ДЕКРИ, со кој се објавува фронтална војна на институционалниот криминал и високата корупција, со единствена цел, да се пресече во корен ова зло, рече пратеникот Трајанов.

Моторот на организираниот криминал е партизацијата на општеството, бидејќи партиите освен реторика, немаат никаква намера нешто конкретно да понудат во оваа област, истакна професорот од Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев. Како што нагласи, голем проблем во државата се институциите кои го откриваат криминалот, бидејќи статистиките покажуваат многу низок степен на реализација. Оттаму, добредојдена е секоја иницијатива која предвидува формирање независен орган за откривање криминал, истакна Калајџиев.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл смета дека досега не се покажани резултати во борбата против организираниот криминал. Проблемот на политизација на институциите и понатаму постои. Смета дека треба да се побара соодветно решение за системот со цел справување со висока корупција. Според нејзиното мислење, слаба точка се судовите. Потенцира дека сега е вистинското време да се направи сериозен исчекор, инаку и понатаму ќе се соочуваме со неуспех. Очигледно е дека работите остануваат непроцесирани, а сторителите остануваат неказнети, потенцира Тасева.

Владимир Георгиев од ДКСК укажа дека борбата против корупција треба да зајакне, но прашањето е дали за тоа треба формирање ново тело или да се зајакнат постоечките институции.Потенцира дека постојат доволно слабости поради кои никогаш нема да има доволно органи и капацитети за проблемите проврзани со корупција.

Според Новинарот Саше Димовски, неопходно ќе биде сериозна политичка волја за реализација на овој проект. Доколку тоа се обезбеди, судството ќе мора да го следи во чекор, бидејќи без суштински реформи во судството и обвинителството, може да се случи да добиеме уште една институција заглавена во системот.

 Заклучувајќи ја трибината, пратеникот и претседател на ДС, Павле Трајанов, меѓу другото, нагласи и дека во расправата во парламентот многу јасно ќе се види кој е за вистинска борба против криминалот, кој пред се го прави власта. Ние ја почнавме оваа „војна“, придружете се ако сакате да имате држава во која ќе владеат законите, а младите ќе создаваат овде во Македонија.