Во организација на Амбасадата на Северна Македонија во Анкара, со две возила, учениците во текот на денот ќе пристигнат во турскиот главен град. Оттука учениците ќе бидат упатени кон Истанбул каде е обезбедено привремено сместување, сѐ до нивното заминување кон земјава кое се планира да биде во текот на утрешниот ден. Меѓу нив се и двата ученика кои беа повредени, и кои се во добра здравствена состојба и се чувствуваат добро, соопштија од МНР.
Според последните информации, (добиени денес во 8:30 часот), во разорниот земјотрес, кој ја погоди југо-источна Турција, загинати се над 3300 турски државјани, над 20 илјади се повредени и над шест илјади згради се уништени. Засега нема нови информации пристигнати до Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул за други наши државјани кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција. Нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба.
„Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732“, е потенцирано во официјалното соопштение.