Герасимовски свика итна седница за помош на настраданите во Турција

Сподели

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свика итна вонредна седница на Советот во четврток за доделување хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција. Герасимовски испрати и телеграма со сочувство до Турскиот Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Република Турција во Република Северна Македонија.

„Во моментов кога Вашата земја се соочува со катастрофална несреќа поради серијата земјотреси што го погодија јужниот дел на Турција, сакам вам, на целиот турски народ и на семејствата на настраданите да Ви изразам искрено сочувство, и длабока тага поради изгубените животи и материјалната штета“, пишува во телеграмата на градоначалникот.

Општина Центар и јас како нејзин градоначалник, додава Герасимовски, ќе вложиме максимални напори со Црвениот Крст на Република Северна Македонија да обезбедиме и пратиме помош од секаков вид што во овие услови му е најпотребна на погоденото население.

“Централното градско подрачје на Скопје се уште со болка се сеќава на земјотресот во 1963 година и подадената рака со помош од целиот свет. Токму затоа ќе преземеме се што е во наша моќ барем малку да помогнеме во оваа трагична состојба за турскиот народ“, му порачува во телеграмата Герасимовски на амбасадорот на Р. Турција, Секиќзок.

Општина Центар негува традиционално добри односи со Република Турција и тамошните општини. Доказ за добрата соработка меѓу останатото, се и збратимувањата со двете општини Бејоглу во Истанбул и Четинкаја во Анкара.  Во овие тешки времиња за нашите пријатели во Турција целата помош и поддршка е потребна и исклучително важна.