На 1-ви март, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложба на дела од црногорскиот уметник Петар Лубарда.
Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, Музејот на современата уметност – Скопје во соработка со Амбасадата на Црна Гора го претставува сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот црногорски уметник и еден од најзначајните сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.
Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои, 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).
Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.
После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите.
Во време на кризи, катастрофи и воени судири кои го обременуваат современиот свет, сметаме дека е важно потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје и за важноста на меѓународната соработка кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.
Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска.
Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година