Претставници од Одделот за иновации, стратешки проекти и М&А и од одделот Регулаторни работи на „Алкалоид“ присуствуваа на Четвртата годишна конференција за лекови со додадена вредност во Брисел, Белгија.
„Алкалоид“, како членка на Medicines for Europe, присуствуваше на Конференцијата за лекови со додадена вредност на тема „Giving medicines a new life“.
Генералниот заклучок од оваа конференција е дека со холистички пристап, во кој сите засегнати страни ќе работат заедно и ќе се фокусираат на ставање на пациентот во центарот, ќе се постигне крајната цел, а тоа е пристап на пациентите и достапност на лековите со додадена вредност.
Во Европа постои неискористен потенцијал за овие лекови, при што преку иновација во веќе постојната индикација и терапија може да се третира нова индикација или може да се користи за различна потпопулација со подобрена ефикасност на третманот.
На Конференцијата имаше претставници од сите засегнати страни: претставници на пациентите, здравствениот сектор, на регулаторните тела, истражувачките институти, индустријата и на инвестициските фондови, при што се побара Европската агенција да ги препознае лековите со додадена вредност како посебна група лекови, кои ќе бидат предмет на посебна и јасна регулатива и на поттикнувачки мерки за инвестирање во нив како ексклузивност на пазарот и слободно формирање цени.
На Конференцијата, покрај врз лековите со додадена вредност, се стави акцент и врз биосличните лекови и врз генеричките лекови. Собран беше широк спектар на експерти од здравствената заедница за да ги споделат најдобрите практики и за да разговараат за пристапот на пациентите до континуираните иновации.