Во младински центар „Матично“ изложба на студентски трудови за нова општинска зграда

Сподели

 

Во рамки на предметот Архитектонско студио 5.2, од денес започнува изложбата на трудови на студенти од факултетот „Зграда на општинската администрација“, која наредните денови ќе биде поставена во младинскиот центар „Матично“.

 

 

Студентите за оваа вежба црпеа инспирација од актуелната локација на Општина Центар во Дебар маало, а изложени ќе бидат избрани проекти од предметот Архитектонско студио 5.2, односно најдобрите 10 студентски проекти илустрирани преку постери и макети, работени во текот на петтиот семестар.

За студентите, петтиот семестар претставува вовед во проектирањето на комплексните типологии од областа на јавните згради, со фокус на административниот, односно канцеларискиот простор. Преку темата за општинска администрација, студентите имаа можност да размислуваат за начините на кои архитектурата учествува во создавањето на пристапни и транспарентни институции и придонесува кон поголема ефикасност на администрацијата, ре-организирајќи ја во современи модалитети на работење. Студентите беа исправени и пред предизвикот да ги одмерат нивните концепти во однос на препознаените амбиентални траги на некогашното Дебар Маало, создавајќи нов амбиент во кој опстојуваат старите локации, како портата на некогашната Учителска школа и парковскиот пејзаж.

 

 

Изложбата „Зграда на општинската администрација“ во Младинскиот центар „Матично“ ќе може да ја погледнат сите заинтересирани граѓани и љубители на архитектурата и уметноста, во периодот од денес до 3. март. Во подготовката на проектната програма помогнаа вработените од секторот за урбанизам кои беа отворени за сите прашања на студентите по архитектура. Проектите ги менторираа Проф. Д-р Анета Христова – Поповска, Проф. Д-р Михајло Зиноски, вонр. Проф. Д-р Мери Батакоја и Асист. Д-р Благоја Бајковски.

Соработката помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ уште во 2019-та година се официјализираше со потпишувањето на Меморандум, преку кој студентите од факулетот, заедно со општинските стручни служби реализираат практично-теоретска настава и вежби.