Средба на Пендаровски со претседателот на ОАЕ, Шеик Мохамед бин Зајед бин Ал Нахјан

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Абу Даби, оствари средба со Шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, претседател на Обединетите Арапски Емирати и Владетел на Абу Даби.

 

 

На средбата беа разменети мислења околу можностите за продлабочување на билатералните односи, интензивирање на економската соработка, актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за надворешните приоритети и политичките состојби во двете земји.

Претседателот Пендаровски упати честитки за неговото именување за нов претседател на Обединетите Арапски Емирати и изрази уверување дека Обединетите Арапски Емирати ќе останат посветени на одржување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност, како наши заеднички заложби.

 

 

Претседателот го истакна интересот на Северна Македонија за унапредување на економската соработка и трговската размена со Обединетите Арапски Емирати. Со цел поттикнување и унапредување на соработката меѓу бизнис заедниците, претседателот ја истакна потребата од подобрување на правната рамка меѓу двете земји и ги охрабри иницијативите за склучување на билатерални договори и спогодби за соработка во повеќе области. На средбата беше разговарано за воспоставување на директна авионска линија Скопје-Абу Даби, а беа поздравени иницијативите за поддршка на инвестициски и инфраструктурни проекти од страна на ОАЕ, кои се од стратешки интерес за Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.

Во рамки на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, претседателот Пендаровски ја посети Вахат Ал Карама – Оазата на достоинството, каде положи цвеќе и оддаде почит на мачениците и хероите на Обединетите Арапски Емирати.

 

 

Претседателот Пендаровски ја посети и Големата џамија на Шеик Зајед како едно од импозантните архитектонски дела во Обединетите Арапски Емирати, во чија градба се користени и материјали од Прилеп.

Воедно, претседателот Пендаровски ја посети и Аврамската семејна куќа, која со дизајнот и мисијата ги доловува заедничките вредности на јудаизмот, христијанството и исламот и служи како платформа и образовен центар за меѓусебно разбирање, прифаќање и толеранција.

 

 

Посетата на претседателот Пендаровски на Обединетите Арапски Емирати е прва посета на претседателско ниво. Во рамки на посетата, како дел од соработката меѓу Министерствата за надворешни работи беше потпишан и Меморандум за укинување на визите за носители на дипломатски и службени пасоши меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.