Ако ги слушавме децата, досега требаше не само да преземеме мерки, туку да направиме и проценка на мерките што сме ги презеле за обезбедување сигурни средини за зачувување на нивното ментално здравје, пишува Јорданка Черепналкова-Трајкоска за Республика.
За еден ученик од скопско средно училиште, волонтер на „Ало Бушавко“, телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши, „ментално здрав значи да си среќен“.
Светската здравствена организација го дефинира менталното здравје како „состојба на ментална добросостојба во која единката може да се справува со нормалните животни стресови, да ги остварува своите способности, да учи и работи продуктивно и да придонесува во заедницата“. Не може да се зборува за здравје, без да се земе предвид и оваа ментална благосостојба зашто таа е интегрален дел на здравата личност што ги „поткрепува нашите поединечни и колективни способности за носење одлуки, градење релации со другите и го обликува светот во кој живееме“.
Менталното здравје е основно човеково право! Како што се вели во Стратегијата за ментално здравје 2018 – 2025 година на Министерството за здравство, менталното здравје претставува основен личен и социјален ресурс кој придонесува за хуманиот, физичкиот и социјалниот капитал во заедницата.
Знаци за рано препознавање на проблемите во однос на менталното здравје
Нарушеното ментално здравје се поврзува со низа социјални неповолности, континуирана неможност да се уживаат основните човекови права (што директно влијае врз општата благосостојба на поединецот), влошено физичко здравје, намалена продуктивност и зголемен ризик од сериозни психијатриски заболувања.
Кога сме несигурни дали некој наш близок или ние имаме проблеми со менталното здравје, добро е да обрнеме внимание дали има промени во навиките за јадење, дружење, начинот на комуникација со блиските, чести промени во расположението и сл.
Меѓу начините да се одржи позитивното ментално здравје се: барање професионална помош и поддршка кога е потребна, поврзување со другите, барање на оптимистичка перспектива, поголема физичка активност, помагање на другите, доволен сон, развивање вештини за справување со стрес и кризи преку обуки и советување со професионалци.
Тоа би вклучувало поголема свесност за сопствените емоции и расположенија (да се запрашаме барем еднаш во денот „Како сум? Како се чувствувам?“), што ги поттикнало тие емоции и расположенија кај нас („На што реагирам со ова чувство? Што се случи?“), анализа или саморефлексија како сме реагирале и колку тоа нè направило да се чувствуваме подобро, како влијаело на релациите со другите или кон себе итн.
Дел од работите што ги правиме за одржување на физичкото здравје – како физичката активност на пример, или правилното дишење – се корисни и се дел од менталната хигиена. При прошетките, вежбите за правилно дишење, си овозможуваме време и простор за себе и сопствените мисли и чувства, односно, контакт со себеси.
Што ни кажуваат децата во врска со нивното ментално здравје?
Во изминатите неколку години, почнувајќи од 2020 година сè до денес, во континуитет го испитуваме мислењето на децата колку од нивните права се почитувани во нашата средина, најшироко дефинирана – од домашната до училишната и до јавната средина.
Во 2020 година, во периодот јуни – јули, за потребите на подготовката на Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата-од перспектива на децата спроведовме анкета за состојбата со правата на децата. И во наредните две години спроведовме слични истражувања на различни примероци деца од 11 до 17 години.
Резимирано, според трите истражувања (2020, 2021 и 2022) може да се заклучи дека кога би имале можност, најголем дел од децата би се потрудиле да го подобрат односот на наставниот кадар кон учениците, би направиле повеќе за менталното здравје на децата и би се осигурале дека сите деца се среќни, сакани и безбедни.
Во последниот Извештај од работата на Ало Бушавко телефонот за деца и млади за 2022 година, на прво место меѓу причините заради кои ни се обратиле, е менталното здравје на децата, со 35% учество во вкупниот број проблеми. Со подетално разгледување на оваа широка категорија, што точно се подразбира, се покажува дека скоро две третини од проблемите со менталното здравје се манифестираат со емоционална вознемиреност при што најчесто децата се жалат на страв и вознемиреност (анксиозност).
Извор: freepik.com
Не е занемарлив ниту проблемот со промена во расположението, но и проблемите со справување со гневот и загриженоста за себе. Овие проблеми најчесто се јавуваат како последица на нарушените односи меѓу родителите во процесот на развод или после истиот, но и во меѓучовечките односи во образовниот процес и тоа и меѓуврсничката комуникација, и меѓу наставниот кадар и децата.
„Имам анксиозност и другарите цело време ми го имитираат брзото дишење. Сите се смеат и ми кажуваат лаги за да почнам брзо да дишам и да ме имитираат пак.“ „…Не знам како да се одбранам, немам никој кој би ми помогнал или би ме сакал толку како пријател за да се кара против нив.“ Ова и другите споделени искуства навистина загрижуваат, особено тоа што немаат кому да се обратат за поддршка и помош.
Менталното здравје во Македонија
Министерството за здравство, со поддршка на Светската здравствена организација го развива системот за грижа на менталното здравје на населението и досега има изготвено две национални стратегии за менталното здравје, првата од 2005 до 2012, а втората, за период 2018 – 2025 година. Оваа стратегија повеќе се однесува на лицата со ментални нарушувања и мерките што ги предлага повеќе се однесуваат на здравствената заштита на овие лица.
Добро е што постои ваква стратегија, но за превенција и грижа за општото ментално здравје во заедницата, неопходна е мултисекторска и посеопфатна стратегија, со посебен дел што би се однесувал на менталното здравје на децата.
Од 1998 година, Македонија учествува во студијата за однесувањето поврзано со здравјето кај децата на училишна возраст (11, 13 и 15 години). Оваа лонгитудинална меѓународна студија се спроведува од 1982 година на секои 4 години во 43 земји од Европа, Северна Америка, Канада и Русија, со поддршка на Светската здравствена организација.
Се спроведува за подобро да се разбере однесувањето на младите, нивното здравје и добросостојба, поврзано со социјалните контексти во кои живеат: семејство, училиште, врсници и социо-економски статус, но и за да служи како основа при креирање политики и практики за унапредување на здравјето на децата и младите. Притоа, на здравјето му се приоѓа во најширока смисла—како емотивна, физичка, биолошка и социјална добросостојба—не само како состојба на отсуство на болест.
Во извештајот „Колку здраво и еднакво живеат младите во Македонија“, објавен во 2017 година, во кој се анализраат податоците добиени од истражувањето спроведено во 2014, меѓу загрижувачките наоди се наведува дека „задоволството од животот, како клучен индикатор на општата добросостојба, континуирано опаѓа кај децата од Македонија, како со возраста, така и во периодот од 2002 до 2014 година, период кога тоа ќе опадне за цели 10%, што ќе ги рангира нашите 15-годишни млади на самото дно меѓу 42 европски земји. За разлика од нив, задоволството од животот континуирано расте меѓу децата од Европа. Задоволството од животот е силно поврзано со социоекономскиот статус на семејството, односно со ресурсите на заедницата што се вложуваат за доброто на децата. Оттука, не е изненадувачки што децата од најсиромашните семејства се и најмалку задоволни од животот.“
Речиси 10 години се поминати од последното истражување, а во меѓувреме доживеавме и глобална здравствена криза која дополнително имаше негативно влијание врз (менталното) здравје. Имајќи го ова на ум, уште позагрижувачки е какви ќе бидат резултатите од новото истражување, но очигледна е неопходноста од мерки за грижа на менталното здравје на младите.
Како може да им дадеме поддршка на децата?
Речиси триесет години Првата детска амбасада во светот Меѓаши без прекин се достапни на сите деца и млади за да ги ислушаат, за разговор и совет преку телефонот за деца и млади „Ало Бушавко“.
Пред повеќе од една година отворивме и посебна интернет платформа „АлоБушавко“ на која може да прочитаат за прашања поврзани, меѓу другото, и со менталното здравје (емоции, љубов, анксиозност, страв, пубертет итн). На платформата имаат и можност да стапат со нас во контакт преку писмен пат („чет“ опција). Правиме и работилници на теми важни за нив директно со учениците, или преку партнерските училишта во рамки на Програмата за мировно образование и други програми.
Слушајќи ги внимателно што ни препорачуваат во секој наш контакт со нив, наш предлог што може да направиме во училишните средини е:
Менување на наставните програми и содржини и внесување нови
„Дел од образованието да биде посветено на антибулингот и како да се справиме со него“, „Да има работилници/обуки каде ќе се предава за љубов и емпатија помеѓу себе“, „Додавање предмети кои опфаќаат интуиција; важноста на љубовта и почитта; медитација; справување со депресија; да не се оди по очекувањата на општеството“, „Социјализација, тим билдинг, антибулинг “ – ова се дел од препораките од самите деца прикажани во Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата.
Менување на начинот и пристапот на работа со децата
„Кај децата да се изгради самодоверба и за да го искажат своето мислење преку отворени разговори и неформални средби, како и преку часови каде ќе има дискусија и учениците ќе бидат поттикнати да го кажат своето мислење, без да се оценува“, „Обуки за професорите каде ќе им се предава дека една 5-ка не е вредна за неспиени вечери, за здравјето. Дека 5-ката и не е единствениот начин за да успеат децата, па да не им се врши притисок“, „Да се нормализира одењето кај психолог преку дискусии на класни часови, неформални средби и некои дополнителни предавања. Тоа треба да се гледа како нешто вообичаено, а не нешто од кое ќе се срамиш …. “ – препораки од самите деца прикажани во Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата.
Родителите и наставниот кадар како најблиски до децата, се оние кои можат директно да ги забележат знаците за нарушено ментално здравје и директно да реагираат, но уште поважно да превенираат вакви состојби кај децата.
Особено стручните служби во училиштата, и основните и средните, мора да посветат поголемо внимание на менталното здравје на децата и да понудат повеќе содржини и активности за децата преку кои децата ќе стекнуваат вештини за самогрижа.
Во иста насока, стручните служби заедно со наставниот кадар, особено класните раководители, треба да понудат и содржини, пред се едукативни и советодавни, и на родителите. Не помалку важно е и носителите на одлуки, и на централно и на локално ниво, да носат програми и да поттикнуваат активности за подобрување на условите за правилен психички развој на децата.