Пендаровски на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во рамки на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“, што се одржува под негово покровителство во соработка со УНЕСКО.

Воедно, претседателот Пендаровски ја проследи проекцијата и на анимираниот филм „Грозомор“, според истоимената песна на Ацо Шопов инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година..

 

 

“Денеска, на Светскиот ден на поезијата, тука, во Париз, прославуваме два големи јубилеи – 100 години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност, не припаѓа само на естетското, туку е длабоко вкоренето во етичкото и хуманото.”

„Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата?“ Ова е време на „научни достигнувања што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогатата фантазија“, време на технички чуда и „роботи што можат за неколку мига да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања. Дали нашето време е мртво за поезија, или пак таа е мртва за него?“

Со овие зборови Ацо Шопов ги отвори првите Струшки вечери на поезијата во далечната 1962 година. Далечна, а, сепак блиска затоа што додека зборуваме, алгоритмите на вештачката интелигенција веќе генерираат текстови што ги имитираат големите книжевници. Шумот на социјалните мрежи и медиуми ја нарушува тишината неопходна за уметничко промислување и согледување на светот.

Затоа, и ние, како и Шопов, сме соочени со дилемата: Дали нашето време е мртво за поезија? Чуму ни се поетите и уметноста? Одговорот би можеле да го бараме во животот и творештвото на Ацо Шопов. 

Првата поетска вертикала на Шопов е слободата. За време на Втората светска војна, како партизан учествуваше во создавањето на современата македонска држава, а потоа, како поет се вгради во темелите на современата македонска книжевност. Неговото име е врзано со почетоците на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонската академија на науките и уметностите. Ацо Шопов е еден од основачите и прв претседател на Струшките вечери на поезијата како наша прва и до ден-денешен жива поетска република. За Шопов, поезијата помага во исцртување на контурите на човековата иднина како „огромно поле за слободно манифестирање на сите негови духовни способности во постојан натпревар со себе си и со другите.“ Според него, поезијата не е само естетско доживување, туку и „конкретен активен однос и етички став кон битните проблеми на животот.“ Како свест и совест на општеството, „поетот не смее да молчи“ пред системските неправди. Со моќта на зборот поетот треба контракултурно, па дури и субверзивно, да критикува и да еманципира.

Втората поетска вертикала на Шопов е еднаквоста. Во време кога нееднаквоста меѓу глобалниот север и југ се зголемува, се проширува, поезијата има улога на еквилибриум. „Во поезијата нема високо и средно развиени земји и земји во развој,“ велеше Шопов. Поезијата им дава еднакво достоинство на различните. Самиот еднаш истакна дека „на големите литературни региони не им е сеедно како се однесуваат кон нив малите … литературни средини“ со нивните нови и свежи видици. А,токму Ацо Шопов е еден од неколкуте поети со кои македонската книжевност ја задолжи и европската и светската култура.

Третата поетска вертикала е човечноста. Ацо Шопов исцрта широк поетски круг во кој има доволно место за сѐ што е хумано. Поаѓајќи од идејата дека „најдолг и најтежок е патот до човекот“, Шопов веруваше во магичната моќ на поезијата да го очовечува животот. Никој не се чувствува како туѓинец во неговата лирика бидејќи тој зборува за човечките болки, страдања и надежи.

Како амбасадор во Сенегал, Ацо Шопов се увери дека „зад секој национален и регионален симбол се крие човекот“ и дека запознавајќи ги другите, полесно и побргу се запознава себеси и својата татковина. Шопов во националната поезија препознава „свет со универзални димензии и универзално значење“, и разви космополитизам вкоренет во татковината и родољубие насочено кон светот. Само поети како Ацо Шопов и неговиот франкофонски брат, Леополд Седар Сенгор, можат да се „нурнат во неизмерните длабини на душата и духовниот свет на својот роден крај и од него да излезат со пораки за човештвото.“ Затоа Шопов можеше со полно право да каже: „за мене светот е татковината, а татковината светот“.

Но, за овие три вертикали на слободата, еднаквоста и човечноста да не бидат сведени на убави желби, потребно е уште нешто. А тоа е сочувствување со страдањата на светот. И повторно Шопов ни го покажува патот затоа што тој секогаш настојувал светот и настаните околу него да ги доживува како лична судбина и да се идентификува со нив. Но, освен што со длабока емпатија ги доживува оние кои се маргинализирани, Шопов се чувствува одговорен кон нив и да ги застапува. Токму поистоветувањето со немоќните му дава сила да не молчи пред општествените и системските неправди и преку силата на зборовите да ја менува реалноста.

Во една прилика Ацо Шопов истакна дека „поезијата е една од најсуштинските човекови одредби, нешто што историски се раѓа и живее со него па затоа нејзиното одречување значи одречување на човекот како човек.“ И со тоа самиот ни ја разреши дилемата. На нашето време поезијата му е потребна повеќе од било кога порано.”