Бектеши: Следната недела ќе се ревидираат дел од цените на овошјето и зелнчукот

Сподели

 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари состанок со увозниците на овошје и зеленчук во државата. На состанокот учествуваа и претставници на Стопанската комора на С.Македонија. На состанокот се дискутираше за последната одлука на Владата за замрзнување на цените на дел од овошјето и зеленчукот.

По завршувањето на состанокот министерот Бектеши изјави дека заедно со увозниците на овошје и зеленчук се согласиле следната недела да се направи мала корекција на дел од цените на овошјето и зеленчукот имајќи во предвид дека изминатата недела се пријавени нови увозни цени кои кореспондираат со цените во земјите од каде што се увзеува.

Како што кажа Бектеши, цената на овошјето и зеленчукот кои беа наведени во одлуката нема да бидат над 100 денари.

„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е иста, ќе остане иста. Генерално, нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени што се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник, Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари за што дополнително ќе ја информираме јавноста“ кажа министерот Бектеши.

Министерот Бектеши кажа дека според податоците од производителите на овошје и зеленчук на почетокот на следниот месец кога се очекува да излезе домашното производство се очекува намалување на цените.

Согласно одлуката почнувајќи од 5 април, свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 7о денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари.

Оваа одлука е на сила до 30 април.