Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, предупреди за невидена досега хуманитарна катастрофа во Алепо и ги повика Русија и САД брзо да дојдат до договор за прекин на огнот во градот и на другите места низ Сирија, пренесува БТА.
„Во Алепо има опасност да станеме сведоци на досега невидена хуманитарна катастрофа по петте години крвопролевања и страдања во сирискиот конфликт“, наведува Бан во својот месечен извештај за Сирија, адресиран до Советот за безбедност на ОН.
Тој потсетува дека битката за територии и ресурси во Алепо се води со напади врз станбени квартови.
Генералниот секретар уште потсетува и на користењето на напалм бомби, што досега го зедоа животот на стотици цивили, а меѓу нив и на десетици деца.
Бан го повтори повикот на ОН за најмалку 48-часовен прекин на огнот во Алепо, за да може да се достави неопходната помош.