Герасимовски: Ќе реализираме нови програми за врсничко насилство

Сподели

 

Веднаш по немилите настани во соседна Србија, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржа Актив со директорките на општинските основни училишта, на кој се разговараше за зголемување на безбедноста и сигурноста на учениците.

Директорките на училиштата го информираа градоначалникот за активностите кои ги спроведуваат тековно, а се поврзани со превенција на булингот, препознавањето на проблеми кај децата и нивно решавање.

„Ние, родителите ја имаме најголемата одговорност во воспитувањето на нашите деца. На директорките им дадов конкретни насоки – до крајот на оваа недела да свикаат состаноци на сите училишни тела: Совет на родители, Училишен одбор и родителски средби, да се поразговара за актуелните состојби и заедно со децата, родителите и наставниците да работиме на решавање и на надминување на проблемите на децата во училиштата“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Градоначалникот Герасимовски од директорките побара да му достават списоци на сите обуки реализирани во минатиот период, а се поврзани со булинг и врсничко насилство. Основните училишта до општината треба да достават и нови предлози, проекти и идеи со кои заеднички, општината, наставниот кадар, учениците и родителите ќе можат да работат на решавање и надминување на состојбите.

 

 

Финалниот заклучок од состанокот на градоначалникот со директорките е дека покрај проектите и активностите на општинските основни училишта, од исклучително значење е самите родители да обрнуваат повеќе внимание на своите деца, да разговараат со нив за нивните проблеми и да вложат повеќе напор во меѓусебната комуникација.