Во услови на децентрализација, во услови кога општините се надлежни за испорака на многу важни услуги за граѓаните, процесот на дигитализација треба да се одвива паралелно на централно и на локално ниво, затоа што граѓанинот во основа не го интересира кој ја дава услугата, туку колку лесно и брзо може да ја обезбеди, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната тркалезна маса „Дигитална трансформација на општините: предизвици и можности“, во рамки на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
– Дигитализацијата како глобален феномен е предизвик и за јавниот и за бизнис секторот и за граѓаните. Како држава немаме друг избор освен да се вклопиме во глобалните текови за да можеме да бидеме конкурентни и во комуникација со технолошки развиениот свет, додаде тој.
Јавниот сектор поспоро се прилагодува на промените затоа што тие се условени од внатрешната подготвеност и доволност на технички и човечки ресурси, но и од подготвеноста на граѓаните да ги прифатат новите услови и да ги користат новите дигитални алатки, заклучи тој.
– Сега сме во фаза кога ни е потребен посистемски приод и наместо општина по општина да го примениме пристапот услуга по услуга. На тој начин услугата е воедначена во сите општини, а трошоците за нејзино обезбедување можат да ги споделат сите општини преку набавка на заедничка опрема. Покрај ефикасноста, целта на дигитализацијата на услугите е да се намали просторот за корупција а да се зголеми таранспарентноста и отчетноста, рече тој.
Според Пенов здравствената криза низ која поминавме само ја потврди потребата од дигитализација на услугите.
Праксата покажа дека општините кои што се чекор понапред од другите, на овој начин обезбедија поголема наплата и на даноците и на сметките за комунални услуги. Во иднина овој начин на обезбедување на услугите треба да биде примарен, а шалтерот само алтернатива, истакна Пенов.
– Невоедначеностa на општините во однос на човечки, финансиски и технички ресурси, потребата од стандардизирање на обрасците и на процесите, укажува дека само преку системски приод, со координација на надлежните министерства, на Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно, во тесна соработка со Министерството за локална самоуправа, со ЗЕЛС и со општините, може сериозно да се влезе во процес на дигитализација.
Во овој процес важна е и поддршката од донаторската заедница-експертска и финансиска како и користење на средства од ИПА инструментот на ЕУ.