„Театар на платно“ со филмска проекција на „Донка-Писмо до Чехов“ во Кинотека

Сподели

 

Вечерва, 31 мај, во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажана снимката од претставата „Донка – Писмо до Чехов“ на Даниеле Финци Паска и неговата театарска трупа.

Претстава имаше премиерна изведба во 2010 година во Русија, во копродукција со Чехов фестивал, по повод 150 години од раѓањето на А.П. Чехов. Филмот во времетраење од 100 минути е титлуван на англиски и македонски јазик.

Режисерот Даниеле Финци Паска е еден од најголемите мајстори на новиот театар-циркус, кловн даден од Бога кој создава чувство на чудо… Паска е и режисер на церемониите на затворање на XX Зимски олимписки игри во Торино (2006) и XXII – во Сочи (2014).

Во оваа претстава, трагично кревките предмети полека се топат како мраз на сонце, како восок… Танчерите опасно балансираат во танцот. Кловновите изгледаат поетски и елегантно декадентни. Можеби има оган, осаменост, градина, езеро и мало ѕвонче што ѕвони – значи рибите конечно ја загризале мамката.

„Донка“ е изиграна во Швајцарија, Мексико, Бразил, Уругвај, Франција, Русија Италија, Австралија, Шпанија, САД, Велика Британија, Колумбија, Аргентина, Белгија, Панама, Чиле, Германија, Тајван, Романија, Унгарија, Данска, Белорусија, Еквадор, Ирска и Полска, а ексклузивно прикажување на оваа претстава на големо платно пред македонската публика ќе биде со само еден термин.

По проекцијата следи разговор со Ана Стојаноска, театролог, писател, професор на ФДУ, претседател на МТФ „Војдан Чернодрински“; Зоја Бузалковска, режисер, професор на ФДУ; и Небојша Вилиќ, историчар на уметноста, професор на ФДУ.