Општина Охрид со замолница за одложување на градежните работи на влезот во градот

Сподели

 

На иницијатива на градоначалникот Кирил Пецаков, денес, во просториите на Општина Охрид се одржа состанок поврзан со новиот сообраќаен режим на влезот од Охрид кај Подмоље. На состанокот присутни беа преставници на Хотам, угостителсткиот еснаф, туроператори, туристички агенции, СВР Охрид и стручните служби при Општина Охрид.

Градоначалникот во своето излагање пред пристуните ги посочи реакции на граѓаните и воопшто на сите засегнати од оваа одлука. Дополнително истакна дека е добро едногласно да испратат барање, односно замолница до Владата и Министерството за транспорт и врски за одложување на градежните работи на оваа делница и тие да продолжат од септември или октомври, имајќи предвид дека не се работи за последните километри од автопатот, па така градежните активности може да се пренасочат на други точки.

Ваквиот став на градоначалникот наиде на одобрување кај присутните и сите учесници освен претставниците на СВР Охрид, го потпишаа барањето кое ќе биде испратено до Владата и Министерството.

Во Барањето стои:

„ ДО:

Влада на Република Македонија

Министерство за транспорт и врски

 

Б А Р А Њ Е

 

Почитувани,

Согласно одржаниот состанок на ден 12.06.2023 година  кој беше наменет за последиците кои што Охрид и регионот ќе ги трпат од новиот режим на сообраќај на влезот од Охрид кај Подмоље, односно пренасочувањето на сообраќајот по стариот локален пат Охрид – Струга едногласно произлезе заклучок дека ваквата состојба е погубна за Охрид и Охридскиот регион, бидејќи во моментов и периодот што следи Охрид ќе биде центар во Република Македонија. Во очи на почеток на летната туристичка сезона да се затвори главниот приод кон Охрид е погубна одлука бидејќи со тоа значајно ќе се намали бројот на гости кои што ќе престојуваат во Охрид, имајќи предвид дека тој пат води и до Охридскиот аеродром. Со ваквата одлука голем број на семејства чија главна егзистенција е туризмот, ќе останат без приходи. Тука истотака се создава проблем и кај хотелиерите бидејќи постои веројатност веќе закажаните резервации да ги откажат и тие да останат без приход. Имајќи предвид дека изминатите неколку години беа тешки години за туризмот и турстичките работници, ова би значело крах на туристичкиот сектор во Охрид, а воедно и во Република Македонија.

Покрај горенаведените причини, со пренасочувањето произлегува и дополнителен проблем кој е од хуман и здраствен аспект. Преоптоварувањето на стариот локален пат Охрид – Струга, создава поблем и за возилата за специјална намена  брза помош, полиција и противпожарни возила.

Знаејќи дека токму на тој пат е лоцирана Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ која што е регионална, понатка создава проблем кај родителите кои своите деца мора да ги носат за терапија или итни прегледи на Детското одделение во Општата болница во Струга. Истотака се создава проблем и за ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања  Охрид, каде за успешно лекување на пациентите потребна е брза реакција.

Од сето горенаведено заедничи испраќаме БАРАЊЕ до Владата на Република Македонија и до Министерството за транспорт и врски, градежните зафати на овој потег да ги одложат за септември. До ова барање се дојде имајќи предвид дека не станува збор за последни километри за изградба од автопатската делница, па така градежните активности може да се насочат на друга точка, а од септември да продолжат на оваа.

Со надеж дека ќе излезете во пресрет на нашето барање.

Потписници:“

 

Наведените точки се повеќе од доволни за Министерството за транспорт и врски да ги одложи градежните активности и тие да продолжат од септември, а сега да се врати нормалното фукционирање на влезот во Охрид.