Дали огорченоста кон Западот ги храни антидемократските чувства во Северна Македонија-Влора Речица

Сподели

 

Без кредибилен надворешен поттик од ЕУ, недостатокот на доверба во визијата на локалните политичари може да игра значајна улога во слабеењето на демократијата во Северна Македонија, пишува Влора Речица за Республика.

Влора Речица

Западен Балкан продолжува да биде една од најподложните цели во тековната војна за влијание. Регионот е централна цел на руското влијание, кое се интензивираше по инвазијата на Украина минатата година. Регионот се покажува како плодна почва за политичко и општествено влијание, дезинформации и корозивен капитал поради различните нивоа на заробеност на државите и на медиумите, етничките тензии меѓу и во самите држави и историјата на руската когнитивна пристрасност.

Русија користи кампањи за дезинформација и незаконско финансирање како моќно оружје за саботирање на демократските институции на Западен Балкан. Овие алатки, исто така, им олеснија на Кина и на другите авторитарни нации да го шират своето влијание.

Пречките на патот кон ЕУ

Во Северна Македонија, надворешните актери најдоа плодна почва за економско, политичко и социјално влијание; но, овој простор, кој во минатото беше главно поврзан со популистички и автократски политички преференции кај населението, неодамна го промени ликот. Земјата доби ЕУ кандидатски статус во 2005 година, но формално ги започна преговорите за пристап дури во 2022 година.

Неочекуваното бугарско вето во 2020 година, поттикна уште подлабока фрустрација, евроскептицизам и антизападно расположение кај граѓаните. Покрај тоа, додека земјата се бори со внатрешни демократски реформи, неколку земји-членки на ЕУ го отежнаа, а понекогаш го правеа и невозможно радувањето за напредокот на патот кон ЕУ.

Грчкото вето на самитот на НАТО во 2008 година и неможноста на земјите-членки на ЕУ да постигнат договор за почеток на пристапните преговори, и покрај препораките за поддршка на Европската комисија, покажаа како неконзистентните стратешки одлуки можат да ги загрозат младите и кревки демократии како Северна Македонија.

За помалку од десет години, Владата предводена од Никола Груевски се трансформираше од технократски и реформски систем во популистички, полуавторитарен систем. Политичката клима од 2008 до 2016 година им овозможи на трети земји да понудат геополитичка платформа, која внатрешно-политичките актери ќе ја искористат за да ја претстават како примамлива алтернатива на граѓаните, и покрај тоа што официјалната позиција остануваше проевроатлантска.

До крајот на владеењето на Груевски, скандалот со прислушувањето предизвикуваше демонстрации на национално ниво и политички превирања. Овие демонстрации ќе резултираат со промена на власта во корист на социјалдемократите.

Неопределените гласачи беа привлечени кон гласачките места од демократската атмосфера, додека за првпат значителен дел од албанските гласови беа дадени за етничко-македонска партија.

Додека спорот за името со Грција се разреши во 2018 година со Преспанскиот договор и резултираше со членство на Северна Македонија во НАТО, социјалдемократите не успеа целосно да го исполнат ветувањето за напредок во ЕУ интеграциите, со што оптимизмот почна да опаѓа, а фрустрацијата продолжи да расте.

Француското и холандското вето од 2019 година послужи како отскочна даска за домашната „политичка лутина“, давајќи им глас на екстремистичките политички играчи. На изборите во 2020 година, Левица, прорускo ориентирана партија, освои две места и успешно доби поголема поддршка на локалните избори во 2021 година.

Лажна перцепција за демократскиот потенцијал на Северна Македонија

Дополнително, неочекуваното бугарско вето во 2020 година поттикна поголем степен на фрустрација и евроскептицизам. Спорот требаше да се реши во 2022 година, за време на француското претседавање со Советот на Европската унија, преку предлогот познат како „Француски предлог“.

Иако овој предлог имаше за цел да и помогне на државата во напредокот кон членството во ЕУ, чувството на неправедност во Северна Македонија се зголеми.

Предложените уставни ревизии многумина ги сметаат за несоодветно бугарско мешање во внатрешните работи на државата. Во 2022 година, годишното истражување на Институтот за демократија покажа дека по промената на името на земјата во 2018 година, перцепцијата кон ЕУ се влошила. Додека 72% од граѓаните го поддржаа процесот на интеграција во ЕУ во 2018 година, во 2022 година оваа поддршка изнесува 64%, со постојан пад од 2014 година (80%).

 

Извор: pixabay.com

Основата за ветото на Бугарија е оспорувањето на историјата на Северна Македонија, конкретно – како бугарската окупација на земјата за време на Втората светска војна се учи во училиштата, статусот на македонскиот јазик и нерешениот проблем со бугарското малцинство во Северна Македонија.

Политизирањето на процесот на интеграција во ЕУ од внатрешни и странски актери, ја нахрани широко распространетата идеја дека политичката волја за прифаќање на Северна Македонија во ЕУ е поважна од спроведувањето на внатрешните реформи содржани во условеноста на ЕУ.

Всушност, една неодамнешна анкета покажа дека 49% од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека причината поради која земјата не е во можност да се приклучи на ЕУ е затоа што соседните земји го попречуваат нејзиниот пат кон ЕУ, додека само 31% веруваат дека тоа е поради недостаток на внатрешни реформи, што создава лажна перцепција за домашниот демократски потенцијал, и простор за префрлање на вината и за политичка манипулација со императивните демократски реформи.

Странски влијанија како значајна закана за стабилноста и демократијата

Незадоволството од актуелната влада, за која граѓаните сметаат дека нема влијание во надворешните работи на државата, и генерално опаѓачката доверба во ЕУ, влијааат врз политичките и општествените процеси, отворајќи ги вратите за надворешни актери како Русија, Кина, Турција и арапските држави од Персискиот Залив – да вршат влијание.

Русија е особено активна во обидот да го изврши своето влијание во Северна Македонија, користејќи тактики како што се дезинформации и пропаганда, обезбедување финансиска поддршка на политичките партии и вклучување во сајбер напади.

Руското влијание особено се фокусираше на политичките и економските институции во земјата за да ги поткопаат демократските процеси и да ги унапредат нејзините интереси.

Во една изјава, Олег Шчербак, поранешниот руски амбасадор во Северна Македонија, издаде предупредување по одлуката на земјата за влез во НАТО. Тој изјави дека: „ако дојде до конфликт меѓу Русија и НАТО, вие [Северна Македонија] ќе ја имате улогата на легитимна цел.“

Влијанието на Кина во Северна Македонија е првенствено економско, фокусирајќи се на трговијата и инвестициите, преку иницијативи како „Појас и Пат“ и „Соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа“. Сепак, кинеските инвестиции се обвиени со корупциски скандали и допрва треба значително да придонесат за економскиот развој на земјата.

Кинеските проекти, особено инфраструктурните проекти, обично ја занемаруваат социо-економската и финансиската одржливост и регулативите на ЕУ, што доведува до високи нивоа на долг и прекршување на воспоставените антикорупциски механизми во земјата.

Таков беше случајот со автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, кинеска инвестиција која беше обвиена со корупциски скандали врзани со високи функционери, меѓу кои и поранешниот премиер Груевски.

Јавното мислење покажува предност за земјите од ЕУ и Г7 како економски партнери во споредба со Кина. На Кина и недостасуваат значителни платформи за промовирање на својата идеологија и се соочува со културни разлики што го ограничуваат нејзиното влијание.

Турција, земја со историски и културни врски со Северна Македонија, исто така, се обидува да го прошири своето влијание, особено меѓу етничкото албанско население, користејќи главно техники на мека моќ преку стипендии, образовни размени, инвестиции во културни институции и за историски знаменитости. Турција обезбеди финансиска и политичка поддршка на различни албански политички партии и организации за да ги унапреди своите регионални интереси.

Влијанието на Турција во Северна Македонија е генерално помало, за што сведочи недостатокот на одговор од македонската влада во врска со „ѓуленистите“, но нема сомнеж дека земјата е присутна преку нејзините многубројни пристапи.

Покрај овие актери, и различни екстремистички групи, исто така, се обидуваат да го извршат своето влијание во Северна Македонија, особено преку ширење на екстремистички идеологии и радикализирање на ранливите групи.

Странското влијание во Северна Македонија претставува значајна закана за стабилноста и демократијата на земјата и за да се намали, бара заеднички напори и од домашните и од меѓународните актери. Без кредибилен надворешен поттик од ЕУ, недостатокот на доверба во визијата на локалните политичари може да игра значајна улога во слабеењето на демократијата.

Инвестициите во создавањето поддршка од долу нагоре за демократијата се клучни за Северна Македонија. Западните сојузници мора да го искористат вакуумот создаден од војната во Украина. ЕУ мора да развие подобра комуникациска стратегија во однос на нејзините инвестиции, помош и поддршка во Северна Македонија. ЕУ исто мора да го обнови својот кредибилитет во Северна Македонија преку суштински ангажман на двете страни за решавање на македонско-бугарскиот спор.

Иако анкетите на јавното мислење покажуваат дека ЕУ е витален играч и може да продолжи да нуди вистинска опција наспроти напредокот на авторитарните земји, поддршката постојано опаѓа. ЕУ и земјите-членки на ЕУ мора да помогнат за создавање на конструктивен дијалог. Демократските сили мора да инвестираат во градење на внатрепартиска демократија за да го ублажат потенцијалното влијание од третите актери преку локалните политичари.

На крајот, потребни се внатрешни напори за борба против корупцијата и градење на независно судство со цел државата да може успешно да се спротивстави на потенцијално малигните влијанија. Во двете области реформите најмалку напредуваат. Покрај тоа, двете области се клучни во градењето доверба во политичкиот систем.

Влијанието на нелибералните странски актери може да се намали како што се намалува корупцијата, а правдата се зајакнува, и затоа е неопходно да се врши континуиран притисок врз политичките актери да продолжат со реформите.

Останува едно прашање: Дали напорите на ЕУ ги даваат посакуваните резултати во однос на демократизацијата? Дали ние правиме доволно за развивање на нашата демократија? Јавното мислење и развојот на настаните укажуваат дека одговорот на ова прашање е не.

Антидемократските чувства кај граѓаните се сѐ уште силни и после три декади демократија, а надежта за развој на демократско општество полека бледее.