УНИЦЕФ: 7 митови за менталното здравје

Сподели

 

Разобличувањето на митовите за менталното здравје може да помогне да се разбие стигмата и да се создаде култура која ги охрабрува луѓето од која било возраст да бараат поддршка, кога таа им е потребна. Еве седум вообичаени заблуди за менталното здравје:

 

1. Мит: Ако некое лице има состојба која се однесува на менталното здравје, тоа значи дека лицето има ниска интелигенција.

Факт: Менталната болест, како и физичката болест, може да го погоди секого, без оглед на интелигенцијата, социјалната класа или нивото на приходи.
 

2. Мит: Треба да се грижите за вашето ментално здравје само ако имате одредена состојба поврзана со менталното здравје.

Факт: Секој може да има корист од преземањето активни чекори за промовирање на сопствената добросостојба и подобрување на своето ментално здравје. Слично на тоа, секој може да преземе активни чекори и да се вклучи во здрави навики за да го оптимизира своето физичко здравје.
 

3. Мит: Лошото ментално здравје не е голем проблем за тинејџерите. Тие едноставно имаат промени во расположението предизвикани од хормонални флуктуации и се бунтуваат поради желбата за внимание.

Факт: Тинејџерите често имаат промени во расположението, но тоа не значи дека адолесцентите можеби не се соочуваат со проблеми на своето ментално здравје. Четиринаесет проценти од адолесцентите во светот имаат проблеми со менталното здравје. На глобално ниво, меѓу оние на возраст од 10-15 години, самоубиството е петта најраспространета причина за смрт, а за адолесцентите на возраст од 15-19 години тоа е четврта најчеста причина. Половина од сите состојби на ментално здравје започнуваат на возраст од 14 години.
 

4. Мит: Ништо не може да се направи за луѓето да се заштитат од менталните здравствени состојби.

Факт: Многу фактори можат да ги заштитат луѓето да не развијат ментални здравствени состојби, вклучително зајакнување на социјалните и емоционалните вештини, навремено барање помош и поддршка, развивање на семејни односи кои се поддржувачки, топли и исполнети со љубов како и создавање позитивна училишна средина и обрасци на здрав сон.

Способноста да се надминат потешкотиите се потпира на комбинација на заштитни фактори, и ниту еколошките, ниту индивидуалните стресови сами по себе не нужно резултираат со проблеми со менталното здравје. Децата и адолесцентите кои добро се соочуваат со потешкотиите обично имаат биолошки отпор, како и силни, поддржувачки односи со семејството, пријателите и возрасните околу нив, што резултира со комбинација на заштитни фактори за поддршка на добросостојбата.
 

5. Мит: Состојбата на менталното здравје е знак на слабост да е личноста посилна, не би ја имала оваа состојба.

Факт: Состојбата на менталното здравје нема никаква врска со слабост или недостаток на волја. Тоа не е состојба која луѓето бираат да ја имаат или не. Всушност, препознавањето на потребата да се прифати помош за состојбата поврзана со ментално здравје бара голема сила и храброст. Секој еден може да развие некоја ментална здравствена состојба.
 

6. Мит: Адолесцентите кои добиваат добри оценки и имаат многу пријатели нема да имаат ментални здравствени проблеми бидејќи немаат за што да бидат депресивни.

Факт: Депресијата е честа состојба на менталното здравје која произлегува од сложената интеракција на социјалните, психолошките и биолошките фактори. Депресијата може да влијае на секого, без оглед на неговиот/нејзиниот социоекономски статус или колку добро изгледа неговиот/нејзиниот живот на прв поглед. Младите луѓе на кои добро им оди училиштето, може да чувствуваат притисок да мора да успеат, што пак може да предизвика анксиозност, или може да се соочуваат со одредени предизвици дома. Тие исто така може да доживеат депресија или анксиозност без причина што може лесно да се идентификува.
 

7. Мит: Лошото родителствување предизвикува ментални состојби кај адолесцентите.

Факт: Многу фактори, вклучувајќи сиромаштија, невработеност и изложеност на насилство, миграција и други неповолни околности и настани, може да влијаат на добросостојбата и менталното здравје на адолесцентите, нивните старатели и односот меѓу нив. Адолесцентите од домови со љубов и поддршка може да доживеат потешкотии со менталното здравје исто како и адолесцентите од домови во кои на старателите им е потребна поддршка за да се одржи оптимална средина за здрав развој на адолесцентите. Со поддршка, старателите можат да играат суштинска улога во давањето помош на адолесцентите да ги надминат проблемите со кои се соочуваат.

Извор УНИЦЕФ, фејсбук