Реакција на ДКСК на соопштението на ОЈО

Сподели

 

По повод реакцијата на Јавното обвинителство (ЈО) објавена во медиумите, а во врска со сомневањата изнесени на јавна седница на ДКСК, за постапките кои се водени по предметот Труст, ДКСК сака да го истакне следното:

Податоците кои беа изнесени на седницата, а која е задолжително јавна, согласно член 22 став 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, во најголем дел се веќе познати на јавноста, а ДКСК изврши анализа и хронолошко поврзување на истите.

ДКСК и во овој случај постапи согласно надлежноста утврдена во член 17 став 1 точка 5, и одлучи да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои постапува. 

Се поставува прашањето како ЈО ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата  сеуште не е доставена, а ЈО сеуште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет.

Во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал  целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаме, бидејќи целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО.

Меморандумот за соработка помеѓу институциите  е само израз на добра волја за соработка, но надлежностите се јасно дефинирани во законите.

ДКСК почитувајќи ги одредбите во Меморандумот за соработка на  ДКСК со ЈО, на редовна средба го извести обвинителството дека има сериозни сомнежи во врска со предметот Труст и дека ќе покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење.

ДКСК и понатаму ќе продолжи да постапува согласно своите законски надлежности и да соработува со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал, во интерес на владеењето на правото,  се наведува во денешната реакција на Државната комисија за спречување на корупцијата.