Спасовски: Сега е моментот да го направиме вистинскиот исчекор во делот за членството во ЕУ

Сподели

 

Во интервјуто за порталот Журнал, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето колку реално граѓаните се запознаени со придобивките од членството во НАТО, потенцираше дека исклучително важно е и да се запознаваат, но и да ги чувствуваме тие придобивки кои што ги имаме.

„Знаете дека имавме многу проекти низ кои што државата работеше да се доближи до граѓаните самото членство во НАТО. Бевме сведоци на многу кампањи кои што се спроведуваа, како што се  „Во јато кон НАТО“, „Сите сме НАТО“ и други.

Посебно сега кога станавме дел од НАТО алијансата низ многу проекти работиме заедно со граѓаните се со цел да се јакне довербата во НАТО алијансата и да се видат придобивките бидејќи мирот и стабилноста не се единствените придобивки кои ги добиваме, тука се и јакнењето на капацитетите на институциите, јакнење во делот на сајбер безбедноста, заштита на критичната инфраструктура.  Најмногу добива и економија, затоа што влогот на компаниите, инвестициите, економијата сите се базираат на мир и стабилност. Ако погледнете кои се најпросперитетните држави во светот, ќе видите дека тоа се државите во кои што повеќе векови владее исклучиво мир и имаат реална основа да имаат економска надградба  во овој дел.

Генерално поддршката за членството во НАТО кај сите држави се движи од 65 – 90%, а во оваа група спаѓа и Република Северна Македонија.  Граѓаните на Република Северна Македонија во огромно мнозинство го прифаќаат членството во НАТО, го поддржуваат и веруваат дека тоа е единствениот начин за да ги оствариме нашите национални цели, да си го сочуваме глобалниот мир, територијалниот интегритет, суверенитет и на тоа треба да бидеме горди. Токму ние, нашата генерација на граѓани ја остваривме таа стратешка цел. Знаете дека Република Македонија во 1991 година како независна суверена држава беше поставена токму на темелите на исполнување на овие две стратешки цели, членството во НАТО и во Европската унија. Мислам дека сега е моментот и тој политички момент мора да го искористиме сите ние и граѓаните и политичките партии, да го направиме вистинскиот исчекор во делот на членството во Европската унија, бидејќи на тој начин ќе се заокружи целиот тој процес и ќе допринесеме многу повеќе за развојот на економијата и просперитетот на секој еден граѓанин на република Северна Македонија“, појасни министерот Спасовски.