Меморандум за соработка помеѓу министерствата за јавна администрација на РС Македонија и Црна Гора

Сподели

 

Претседателот Џафери, на денешната средба со министерот за администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за јавна администрација на РС Македонија и Црна Гора и ја истакна важноста на регионалната соработка во процесот на интеграција на двете земји во Европската унија.

Претседателот го информираше гостинот од Црна Гора за започнатата собраниска процедура за измена на Уставот, како предуслов за продолжување на европската интеграција, и процес кој треба да продолжи на 18 август на веќе закажаната пленарна седница на Собранието. Зборуваше и за претседавањето на нашата земја со ОБСЕ, Процесот за соработка во Југоисточна Европа и за Отворен Балкан.

 

 

Министерот за администрација на Црна Гора, Дукај, рече дека регионалната соработка помеѓу нашите земји е важна, заради тоа што како мали земји, заедно можеме повеќе да постигнеме во нашите напори за европска интеграција. Тој ја истакна соработката при воведувањето на системот ПејПал и во обучувањето на кадрите за  кибернетска сигурност. Во врска со пост изборниот процес во Црна Гора, министерот Дукај информираше дека вчера беше конституиран парламентот на Црна Гора, а понатаму ќе следат разговори за формирање на Владата.

На крај на средбата, двајцата соговорница изразија надеж и взаемна поддршка дека РС Македонија и Црна Гора ќе ги совладаат претстојните предизвици и успешно ќе го продолжат патот кон Европската унија. Исто така, изразија позитивен став во насока на понатамошно унапредување на односите помеѓу двете земји.