Светската Награда на Хуманизмот за 2023 година, ќе му биде доделена на еден од најголемите американски и светски слависти проф. д-р Виктор Фридман, од Универзитетот од Чикаго, САД, информираат од Општина Охрид.
Академик Фридман е седумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 9 август, Св Климент летен, во куќата на Уранија на МАНУ, во Охрид, со почеток во 12 часот. Пригодни беседи за Фридман ќе одржат Претседателот на Охридската академија на хуманизмот Јордан Плевнеш и Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој што едновремено и ќе му ја врачи наградата на добитникот, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО. Со своја беседа на присутните ќе се обрати и лауреатот Виктор Фридман.
Свечени обраќања ќе имаат и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и минатогодишниот добитник на Светската награда за хуманизам, академик Далимир Хајко од Братослава, Словачка.
На еклузивната промоција на книгата „Седум цркви на Охрид во светското културно наследство“ на англиски јазик, ќе говорат Ролф Ахилес, професор на Уметничкиот институт во Чикаго и д-р Панче Велков, директор на Музејот на Град Скопје.
Во рамките на овој свечен настан, ќе се одржи и Меѓународна конференција со наслов:„Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“, на која меѓу другите, ќе учествуваат и Романо Проди, поранешен Претседател на Европската Комисија и Премиер на Италија, Жан Патрик Конрад, Претседател на Европската Академија на науките, уметностите и книжевностите од “Империјал Колеџ” во Лондон, Велика Британија, Херта Милер, добитник на Нобеловата награда за книжевност од Германија, Хенри Малос претседател на Фондацијата Жан Моне – Таткото на Европа, Франција, Амбасадорот на Словачка, Н.Е. Хенрик Маркуш, Вида Огњановиќ, врвен книжевен и театарски деец од Србија, итн.
Со овој настан ќе се инаугурира и проектот запоставување на спомен-обележјето “Охрид Центар на Светскиот Хуманизам” за кое Советот на Општина Охрид донесе одлука да биде поставено во просторот на Долна Порта, како единствено такво обележје во целиот свет.
Имено, добитникот на Светската Награда на Хуманизмот, Светлин Русев кој што ја доби наградата во 2014 година, предложи до Интернационалното жири на Охридската Академија на Хуманизмот да се подигне ваков тип на обележје во Охрид, градот на УНЕСКО. По ненадејното починување на Светлин Русев во 2017 година, Охридската Академија на Хуманизмот се обрати до еден од најголемите скуптори на македонската современа уметност, Жарко Башески, чии што дела се присутни во над 50 музеи на модерната уметност низ цела планета, кој го изработи спомен-обележјето како свој авторски проект.