Во Струмица заврши 60. издание на Меѓународната струмичка ликовна колонија на која уметници од земјава и од странство создадоа четириесет нови дела.
Според Александар Филев, раководител на Уметничката галерија, 20 уметници од Романија, Турција, Грција, Србија и од Македонија твореа во масло и акрил на платно, скулптура во дрво, фотографија и мозаик. Во рамките на Колонијата, по 30. пат работеше и мозаичката работилница на која се создадени две нови дела.
Досега на Меѓународната струмичка ликовна колонија учествувале 1 600 уметници, кои создале над 2 800 дела.
Делата од годинашната Меѓународна струмичка ликовна колонија традиционално ќе бидат презентирани пред јавноста на 11 септември, Денот на ослободувањето на Струмица.