Изложба “Средба со историјата: една слика – една приказна” на Мирчо Матевски Рисимкин

Сподели

 

Отворање на изложбата Средба со историјата: една слика – една приказна на Мирчо Матевски Рисимкин, во објектот Мала станица на 5.9.2023 во 20.00 часот.
 
Да се зборува за оваа изложба, како и за севкупното творештво на Мирчо Матевски Рисимкин, значи да се нурне во историјата, во наследството, во духовното.
Уште при првиот поглед на делата на Матевски Рисимкин се забележува неговата вљубеност во историјата. Уште од мал тој многу читал, растел со бајките и приказните. Сите негови дела се инспирирани од некој вистинит историски настан, јунак, личност, кои оставиле длабока трага во историјата. Трајко Матевски-Рисимкин, неговиот татко, бил главен инструктор за тепихарство во Македонија и работел во „Македонски фолклор“, така што своето детство Матевски Рисимкин го поминал покрај неговите шеми, нацрти и планови што ги подготвувал за изработка на теписи. Тајните на уметноста како да му биле предодредени во животот.
По завршувањето на Средното уметничко училиште, се запишува и дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Димитар Кондовски. Матевски Рисимкин во текот на својот живот во два наврата ја напушта својата земја и се сели во Австралија со своето семејство, а во 2021 година повторно се враќа.Тој останува доследен на своето сликарство, а сепак, во исто време и го збогатува со елементи што ќе ги прифати од другите култури со кои поминал еден дел од својот живот.