Министерството за правда подготви нов закон за амнестија

Сподели

 

Министерството за правда го подготви предлог Законот за амнестија  со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела.Се очекува тој да биде усвоен на наредната седница на Влада. Предлог законот беше доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собрание кои треба да дадат свои забелешки и сугестии. Целта е да се овозможи рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што  состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа. 

Со законот се предлага ,лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата,  против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,, Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 ,  ,, Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон,за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Амнестијата не се однесува за кривични дела “Разбојништво” од член 237 став 5 и ,”азбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела “Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, “Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, “Несовесно работење во службата” од член 353-в, “Примање поткуп” од член 357, ” Давање поткуп” од член 358, “Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за “Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.

Амнестијата не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон  е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Очекуваме поддршка од сите пратеници за ова законско решение, изјавија од Министерството за правда.

Предлог закон за амнестија