МНР започна процес за безвизен режим на РС Македонија со САД

Сподели

 

Во врска со објавените податоци од страна на Стејт департментот дека процентот на одбиени визи за РС Македонија во 2022 година изнесувал 26,29%, Министерството за надворешни работи информира дека започнало процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program).

“Со одлука на Влада, формирана е меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД. Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3%.

Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30% се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД.

Процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен процес, што налага континуирани активности на што посветено работиме. Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година.

Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји”, се вели во соопштението од МНР.