АХВ: Мораме да научиме да живееме со африканската свинска чума и да спроведуваме мерки

Сподели

 

Кога еднаш ќе се насели африканската свинска чума, таа долго останува. Насекаде во околните земји се зголемуваат жариштата како на домашната, така и на дивата популација, која е резервоар на вирусот, но главниот преносител е човекот. Вирусот не е опасен за луѓето, но може да биде катастрофален за економијата.  Повеќе од 13.700 свињи од сите возрасти се уништени во Македонија за да се спречи ширењето на африканската свинска чума. Со оваа болест, мора да научиме да живееме, но мора да се почитуваат мерките и препораките за нејзино сузбивање, а и сите одговорно да се однесуваме, порачува Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство, во интервју за „Слободен печат“.

– Африканската свинска чума е болест што веќе прерасна во епидемија и речиси нема регион во светот каде што ја нема. Таа воопшто не е опасна за човекот, не е во групата зоонози, но е болест што го уплаши целиот свет, бидејќи при појава на оваа болест, може да настанат огромни економски штети доколку не се преземат соодветни мерки – вели Бабовски.

Тој информираше дека последно жариште што е потврдено во регионот повторно е во Карбинци, поточно станува збор за мало фамилијарно одгледувалиште во Крупиште и е во регионот од 10 километри од претпоследното жариште во село Таринци, каде што со депопулацијата од сите категории свињи беа уништени 8.514 единки.

– Во однос на новото жариште ќе се преземат сите мерки што важат за радиус од три и од 10 километри, така што се исцртува нова мапа. Со мерките, пред сè, во самото жариште и во контактните одгледувалишта ќе се изврши депопулација на домашните животни. До 30 август, кога се појави поголемото жариште на фармата во Таринци, со депопулацијата имавме опфатено 5.223 животни, од кои најголем дел – односно 4.891 животни беа економски искористени, што значи дека болеста не е опасна за човекот. Притоа, во зависност од каква одгледувачница потекнуваат, свињите одеа на економско искористување: месото може да се користи за преработки со термичка обработка, или ако е од фарма во радиус од 10 километри од жариштето, од фарма што обезбедува високи биосигурносни мерки, месото од таа фарма можеше да се користи и свежо – објасни Бабовски.

Тој вели дека одговорно тврди дека нема недостиг на свежо свинско месо произведено кај нас и дека е неодговорно зголемувањето на цените по уништувањето на свињите од фарма во Таринци.

Бабовски објаснува дека е лесно да се познае дали свињите се заболени од оваа болест.

– Симптоматологијата на болеста е многу карактеристична, болеста не може да се промаши, се јавува висока температура од 42 степени, апатија, дијареја, исцедок од очи, уста, нос, кој почесто може да биде и крвав, се појавуваат и дамки по телото… Доколку дојде до сомнеж за болеста, тоа треба да се пријави во надлежното ветеринарно друштво и до нашиот официјален ветеринарен инспектор што е задолжен за тој регион во државата. По земени примероци, во период не подолг од 24 часа ние ги имаме првичните резултати – вели Бабовски.
Директорот потенцира дека во Косово, Србија, Бугарија и во Грција, односно насекаде околу нас, има потврда за нови жаришта и кај домашната и кај дивата популација.

– Можам да кажам дека соработката со ловџиите е добра, но дека не е на посакуваното ниво. Кај нас е формирана експертска група, формиран е национален центар за контрола на болеста, и последно нешто што е формирано од Владата е координативно тело со кое управува Агенцијата, со цел подобра институционална соработка за справување со оваа болест. Дел од тие тела е и Ловечката федерација, но, за жал, задолженијата што ги доби од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство, во целост не се спроведени. Главен резервоар за вирусот е дивата популација, а главен преносител, преку сите епидемиолошки истражувања што ги направивме, се докажа дека е човекот. Заради тоа треба да внимаваме сите ние што се движиме во природата, ако наидеме на пцовисана дива свиња, веднаш да пријавиме. Не смееме да се приближуваме кон пцовисано диво животно, затоа што теренот е веќе контаминиран, па ако стапнеме на него, стануваме потенцијални преносители на вирусот.

Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) е носител на кампањата „Стоп за африканската чума кај свињите“, а Македонија е една од 18-те земји каде се спроведува кампањата со главна цел подигање на свеста за оваа болест со цел поефикасно справување со неа.