Норвешка ќе донира повеќе од 70 возила на вооружените сили на РС Македонија

Сподели

 

Сојузничкото единство во зацврстувањето на безбедноста на НАТО, безбедноста во Европа по руската агресија врз Украина, како и развојот на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Кралството Норвешка беа темите на кои денеска во Министерството разговараа министерката Славјанка Петровска и норвешкиот министер за одбрана Бјорн Арилд Грам кој престојува во официјална посета на нашата држава.

 

 

Министерката Петровска на прес-конференцијата со нејзиниот норвешки колега порача дека нашата држава недвосмислено и одлучно ги ратификуваше пристапните протоколи и за Финска и за Шведска и додаде дека НАТО не е закана за никого, но е обединето во заштита на целата територија на Алијансата.

„Северна Македонија недвосмислено и одлучно ги ратификуваше пристапните протоколи и за Финска и за Шведска уште еднаш потврдувајќи ја нашата заложба за политики на отворени врати на НАТО кога станува збор за нејзиното проширување. Заедно ја осудивме бруталната руска агресија врз Украина и порачавме дека НАТО не е закана за никого, но НАТО е единствено и обединето во безбедноста на секоја педа сојузничка територија“, рече Петровска.

Министерката порача дека државата инвестира во одбраната и дека следната година ќе одвои 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбрана, од кои над 30% за опремување и модернизација.

Петровска се заблагодари за сеопфатната норвешка поддршка, која и за 2023 година е сеопфатна. Кралството Норвешка на Северна Македонија годинава ќе и донира борбени и неборбени возила, ќе се вклучи во развојните проекти на Криволак и ќе нè поддржи со специфична опрема со која ќе се зацврсти македонската, но и колективната безбедност.

„Областите во кои соработуваме се бројни – воена едукација, заеднички обуки, експертски разговори за градење на нашите капацитети особено во контекст на целите на способности на НАТО, како и воено-медицинска поддршка. Изминатиот период имавме навистина конструктивна и плодна соработка која што дава реални и опипливи резултати. Благодарни сме за вашата поддршка и остануваме силно посветени на нејзин развој и во иднина“, истакна министерката.

Норвешкиот министер истакна дека Норвешка и Северна Македонија оваа година одбележуваат 30 години на силни дипломатски односи, како и дека соработката помеѓу двете земји дополнително зајакна со приемот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година.

„Многу е практично што во НАТО седиме едни до други, што е уште еден симбол дека стоиме рамо до рамо и во НАТО и во нашата билатерална одбранбена соработка. Норвешка на вооружените сили на Северна Македонија ќе и донира повеќе од 70 возила, Норвешка исто така поддржа неколку програми во одбранбениот сектор во Северна Македонија за усогласување на родовите прашања, проектот за борба против корупцијата и интегритетот во одбраната. Очекуваме да ја продолжиме оваа соработка и во соработка со инженерскиот баталјон и алпинистичка обука. Со задоволство очекувам да продолжиме да ја развиваме соработка и односите помеѓу нашите две земји во годините што доаѓаат“, потенцираше министерот Арилд Грам.