Уште еден фемицид поради непостапување на институциите

Сподели

 

Згрозени од најновиот случај на фемицид, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, се сомневаме дека институциите не постапиле според своите надлежности и бараме да се утврди одговорност.

Не, не станува збор за немил или трагичен настан, како што известија некои медиуми, туку станува збор за убиство, фемицид, којшто како таков треба да биде квалификуван и претставуван во јавноста. Затоа што ниту е трагичен случај, ниту е немил настан, туку е убиство на жена – фемицид и е најсериозниот вид на родово базирано насилство.

Дали институциите постапиле? Очигледно дека жртвата не добила соодветна заштита и дека системот на заштита потфрлил, особено заради тоа што видовме дека повеќе пати било пријавувано од страна на жртвата. Во каков однос биле осомничениот и жртвата во овој случај воопшто не е значајно затоа што станува збор за родово базирано насилство.

Ова навистина отвора сомнеж за тоа дали соодветно и со должно внимание било постапувано од страна на институциите и дали пријавите што ги поднела жртвата биле третирани како пријави за родово базирано насилство и дали биле преземени сите соодветни мерки, како од полицијата, зато што жртвата пријавувала во полиција, така и од обвинителството, но и од центарот за социјални работи, како институции кои што треба да пружат заштита на жртвите на родово базирано насилство.

Пред само еден месец се случи фемицид и во Куманово со две жртви кои исто така неколку пати пријавувале насилство, но и во тој случај институциите не реагирале со должно внимание, навремено и според своите надлежности.

Сето ова покажува дека нивото на свесност и на знаење се’ уште е ниско и дека навистина има потреба од зголемување на капацитетите на институциите да постапуваат во овие случаи, затоа што повторно се случува фемицид и веќе не смееме повторно во иднина да се соочуваме со овој проблем.

И овој случај го потврдува сознанието дека сите напори за справување со овој проблем се недоволни ако не се придружени со соодветно институционално постапување. Ваквото постапување во случаи на родово базирано насилство само дополнително го зголемува и онака високиот степен на недоверба во надлежните институции. Сето ова значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството, што пак директно ја зголемува веројатноста насилството да кулминира со убиство.

Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.

Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот и дека правилно ќе го квалификуваат делото како убиство при вршење родово базирано насилство. Она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници.

Ги повикуваме и медиумите со должно внимание да известуваат за овој случај, особено ако ги имаме предвид коментарите што ги читаме по објавите на оваа вест, што е особено загрижувачки и покажува дека и јавноста има потреба од зголемување на знаењата во однос на родово базираното насилство и фемицидот.