Развојот на пазарот на капитал е клучен за поддршка на развојот на економијата, затоа е важно да ја развиеме Берзата, да понудиме новитети и иницијативи. Во таа насока Министерството за финансии оваа година воведе нови инструменти. Во текот на летото беше издадена првата емисија на граѓанската обврзница и од денеска на пазарот на капитал се воведува уште еден нов инструмент тоа е зелената обврзница. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, кој се обрати на отворањето на Годишната конференција на Македонската берза, што се одржува во Охрид.
„Оваа година воведовме нови инструменти на пазарот на хартии од вредност. Тоа се граѓанската, што имаше успешна реализација, во кој процес се вклучија голем број граѓани и во октомври 2023 година ќе следи уште една нова емисија на граѓанска обврзница. Тоа беше процес во кој добивме поддршка и од банките, а кој е во интерес на развојот на пазарот на хартии од вредност. Денеска имаме добра вест. Првпат ќе издадеме зелена обврзница од 10 милиони евра. Тоа е двегодишна обврзница со камата од 4,75%, која ќе биде наменета за правните субјекти и за граѓаните. Меѓутоа сметам дека граѓаните ќе најдат поголем интерес за граѓанската којашто ќе има 5% каматна стапка“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека покрај овие два инструмента на Берзата редовно се тргува со обврзниците за денационализација, а наскоро дел од тргувањето на Берзата ќе бидат и структурните обврзници.
Според министерот е важно да се нудат креативни решенија и нови инструменти на пазарот коишто ќе овозможат полесен пристап до финансиски средства за малите и средните претпријатија, како и за новите идеи.