Актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во Европа, нужноста од преземање на координирани активности за нејзина контрола и искоренување, но и можни нови мерки кои би се презеле во иднина во оваа насока, се дел од темите на кои вчера и денес во Брисел дискутираа земјите членки на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во рамки на 21 состанок на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа. Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, во својство на член на ова тело кое го сочинуваат претставници од земјите членки на Европската унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, ја презентираше актуелната состојба со оваа болест во земјава и ги објасни сите досега преземени превентивни и мерки за контрола и ерадикација на болеста и идните чекори во справувањето со неа.
– Годинава во Република Северна Македонија досега кај питомата популација свињи евидентиравме 7 жаришта на болеста, од кои 6 кај мали одгледувачи, кои одгледуваат по неколку свињи за сопствени потреби. За жал, погодена беше и една голема комерцијална фарма во село Таринци каде биосигурносните мерки беа имплементирани на највисоко ниво, но и покрај тоа моравме да убиеме и нештетно да отстраниме дури 8 514 свињи. Епидемиолошката истрага не покажа поврзаност на ова жариште со другите кои беа евидентирани во државата – истакна во својата презентација директорот Бабовски.
Во рамки на активниот и пасивниот надзор на дивите свињи, од тестираните 2 838, оваа година позитивни на болеста африканска чума кај свињите беа 85 животни, наспроти 36 во 2022 година од тестираните 2 920 диви свињи во рамки на активниот и пасивниот надзор.
– Посветено го спроведуваме активниот и пасивниот надзор и кај питомата популација свињи за контрола на вирусот, преку кој за жал беше детектирано и присуството на африканска чума кај свињите во комерцијалната фарма во Таринци. Иако присуството на вирусот кај питомата популација свињи во земјава за прв пат беше потврдено во јануари 2022 година, уште од 2018 година почнавме со преземање на сериозни чекори и мерки за подготовка за соочување и борба со оваа болеста. Сфаќајќи ја сериозноста и големината на економската штета која може да биде нанесена на свињарството во нашата држава, која не е увозно зависна од свежо свинско месо, уште од 2018 година сконцентрирани бевме на превенцијата. Активно работевме на зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, евидентирање на сите одгледувачи на свињи во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, спроведување на мерки за депопулација на свињи кај индивидуалните сточари кои одгледуваат животни за сопствени потреби, а посветено бевме вклучени и во иницирање и спроведување на информативни кампањи за запознавање со болеста и подигнување на биосигурносните мерки на сите вклучени во системот, почнувајќи од производителите и ловџиите па се до потрошувачите – појасни Бабовски.
Како дел од подготвителните мерки беше спроведувањето на симулациски вежби за справување со болеста, зајакнувањето на контролата кај патниците во координација со Царинската управа, засилување на отстрелот на дивата популација свињи особено во пограничните региони. Во презентацијата Бабовски додаде и дека во насока на зголемување надзорот, АХВ разви и стави во функција мобилна апликација за пријавување на угинати диви свињи, за што е обезбеден и финансиски надомест.
– Подобрување на соработката со ловџиите и ловните друштва за унапредување на пасивниот надзор, продолжување со спроведувањето на кампањи за подигнување на јавната свест за опасноста од болеста, категоризирање на ловиштата врз основа на степенот на имплементираност на бисигурносните мерки и нивно унапредување, се дел од предизвиците на кои Агенцијата ќе ги насочи активностите во справувањето со африканската чума кај свињите во иднина. Во контекст на унапредување на постоечките, но и воведување на нови можности и мерки, планирано е зајакнување на надзорот над болеста со употреба на нови технологии како што се дроновите – заклучи Бабовски.