Ризик од корупција има насекаде, но борбата мора да продолжи

Сподели

 

Во Собранието се одржува дводневна работна средба со Делегација на Управувачката група за демократски развој на шведскиот Риксдаг, во чиј фокус се борбата против корупцијата и мерките за справување, како и европската интеграција на земјава.

Воведни обраќање од македонска и шведска страна, како претседавачи, имаа Фадил Зендели и Шестин Лундгрен. 
 

Зендели изрази задоволство од можноста за размена на мислења со претставници на земја како Шведска, со долгогодишно парламентарно искуство и добри практики. Исто така, како значајна ја издвои соработката на службите од двата парламента, кои паралелно одржуваат работни средби. 

Лундген истакна дека во овие четири години соработка на ова ниво, се создале длабоки и трајни пријателства, со успешни дискусии предочени во парламентите, а сѐ со цел подобрување на животот на граѓаните во двете држави. Таа нагласи дека на европскиот пат, учинокот е основа за отворање преговори и поглавја, а корупцијата е важно прашање на кое треба да се работи.        

Во продолжение, збор зедоа и пратеничките Маја Морачанин, Гордана Сиљановска-Давкова и Ќамила Хансен. 

Морачанин ја означи корупцијата како еден од најгорливите проблем со кој се соочува македонското општество на секое ниво Таа ја спомена и злоупотребата на службената положба, нешто што на граѓаните им пречи и затоа имаат недоверба во правосудството, но ваквата недоверба се јавува и кај самите судии и обвинители, кои се соочуваат со политички и бизнис притисоци. 

Сиљановска-Давкова го започна обраќањето со цитатот „Секоја моќ се заканува да ве корумпира, а апсолутната – апсолутно!“. Потенцира дека корупцијата во нашето општество е системска, пред сѐ затоа што нема добро изведена поделба на власта. Главниот фактор за корупцијата е во партизацијата и политизацијата. 

Ризик од корупција има насекаде, не можеме да бидеме целосно безбедни – рече Хансен, додавајќи дека за нејзино надминување треба да се работи со знаење, вредности, ресурси, заедничка соработка, доверба, владеење на правото, како основен критериум за влез во ЕУ. 

Билјана Ивановска, како претседателка на Државната Комисија за спречување на корупцијата, ги запозна присутните со работата на оваа независна и самостојна институција. Таа изврши презентација на Националната стратегија како најважен нивни документ кој го усвои Собранието, врз основа на ризиците на корупција, а тоа се: силно политичко влијание, невладеење на правото, слаба доверба на граѓаните во судството, недоволната транспарентност на институциите и отсуството на интегритет. Ивановска потенцира дека постои доброосмислен систем, но тој не се почитува и нема резултати затоа што сите алки во системот не функционираат како што треба. 

Народниот правобранител Насер Зибери, информира за начинот на дејствување на ова национално тело за заштита на човековите права и слободи, кои имаат највисок вредносен статус во нашиот Устав и темелна вредност во нашето уредување.

Во вториот дел од денешната работна средба, воведно обраќање на тема европската интеграција на Република Северна Македонија, имаше Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Николоски се осврна на составот на НСЕИ, потенцирајќи дека претседателот на овој Совет е од  редовите на опозицијата, а дека во него се застапени пратеници од сите пратенички групи во Собранието, како и претставници на граѓанскиот сектор, стопанските комори и на медиумите.

Николовски рече дека НСЕИ е конституиран по примерот на Хрватска, која имаше слично тело во периодот пред почнувањето на преговорите со ЕУ, а која  од поодамна стана членка на Унијата, а сега влезе и во Шенген зоната. Тој посочи и дека нашата земја поминува низ многу предизвици на патот кон Унијата, така што веројатно е земја која се соочила со најмногу блокади и била принудена на отстапки.

Шведскиот пратеник, Јуар Форсел, рече дека, иако Северна Македонија се уште не е формално членка на ЕУ, сите ја перцепираат како европска држава. Битно е, рече тој, дека во ЕУ има волја за проширувањето, така што треба да се направи се за тој процес да се забрза и да се интензивира. Прашањето, рече Форсел, веќе не е  дали ќе се случи тоа, туку кога и како.

Шведските пратеници се интересираа за јавното мислење во земјава во однос на членството во ЕУ, при што пратеничката Снежана Калевска Ванчева рече дека речиси сите партии застапени во парламентот во своите статути ја имаат нотирано евроинтегарцијата како стратешка цел. Ние, рече таа, немаме разлики околу клучната  цел, туку само околу патиштатат што треба да се изберат за се стигне до целта.

Пратеникот Халил Снопче рече дека ги разбира чувствата на граѓаните поради отстапките што се прават, ама потенцира дека е клучно да се определат приоритетите, а членството  во ЕУ е врвен приоритет.

Гордана Силјаноска Давкова рече дека ЕУ се базира на заеднички вредности и дека поради тоа преговорите треба да се водат врз основа на исполнување на критериумите, додека за историјата, како што рече, не може да се преговара.

За актуелната политичка ситуација во двата парламента, зборуваа пратениците

Арбана Пашоли и Дафина Стојаноска од Собранието на РСМ и Јесика Ветерлинг и Кенет Г. Форслунд од шведскиот Риксдаг.

Претставници од делегацијата на шведскиот Риксдаг денеска имаа средба и со генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова, како и со претставници на собраниската Служба. На оваа средба беа разменети искуства и мислења околу Законот за  Собранието, организацијата на службата на Собранието и  за Стратешкиот план.