Предлог-законот за амнестија е примен во Собранието

Сподели

 

„Предлог-законот за амнестија е примен во Собранието, а испратен од Владата. Претседателот на Собранието, Талат Џафери го достави до пратениците. Предлог-законот е по скратена постапка“, инфомираа од кабинетот на Џафери.

Предлогот на законот не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.

Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.

Според податоците на Министерството за правда, во Македонија има 2.114 затвореници, заклучно со 26 септември 2023 година. Од нив целосно ќе бидат амнестирани 286 затвореници, а делумно 996 затвореници. 2813 осуденици чекаат да влезат во затвор, но министерството за сега нема податоци колкумина од нив ќе бидат амнестирани.

Новиот закон за амнестија, не е правен за личности, туку е правен за дела од помал обем кои се наведени во законското решение.

-Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение, кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решени кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат, прецизира Ковачевски. Финалната форма на законското решение, како и дали ќе се донесе, ќе зависи од начинот на кој ќе биде образложено во Собранието од министерот за правда и од различните мислења, идеи и искуства од претходно донесениот ист закон во 2018 година.

-Таквиот процес ќе ги соочи аргументите кои ги имаат различните политички партии, па и различни експерти и функционери во рамки на одредена политичка партија, рече Ковачевски.