Комисијата за економски прашања и Комисијата за финансирање и буџет одржаа јавна расправа на тема: „Иновативна и конкурентна економија“.
Свое обраќање на јавната расправа имаа академик Таки Фити; проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје; Ѓорѓи Божинов, градоначалник на Општина Ново Село; Марина Николовска од Министерството за образование и наука; проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет во Скопје; пратениците Марија Георгиевска, Тони Јаревски, Лидија Петкоска, Диме Велковски и Бојан Стојаноски; Џемаил Даути, претставник од Комората на Северозападна Македонија; Александар Китански, градоначалник на Општина Пехчево.
Притоа, беше истакнато дека иако се забележува подобрување на иновативноста во последните 15 години, сепак за истражување и развој се издвојува само 0,3% од БДП за разлика од развиените земји каде се издвојува повеќе од 2% од БДП. Потребна е постојана едукација на вработените во фирмите и зголемување на нивната продуктивност. Постои раст на платите во услови кога нема зголемување на продуктивноста и конкурентноста што може да предизвика негативни ефекти и зголемување на инфлацијата. Домашните фирми треба повеќе да бидат вклучени како добавувачи на странските фирми кои работат во Република Севрна Македонија и заеднички да се вклучуваат во проекти за истражување и развој на нови производи.
Во изработката на Националната развојна стратегија активно се вклучени и претставници од Собранието на Република Северна Македонија да дадат свој придонес во развојот на македонската економија. Потребно е да се спроведат структурни реформи кои ќе овозможат повисоки стапки на економски раст. Во идниот период развојот на економијата треба да се базира врз зголемување на знаењето и вештините на вработените, заштита на животната средина, интеграција во меѓународната економија и намалување на неформалната економија. Развојот на иновоциско-технолошки центри, претприемништвото, создавање на домашен бизнис-сектор со зголемен извоз – се едни од предусловите за долгорочен развој на македонската економија.
Од страна на учесниците беа дадени предлози и идеи кои треба да бидат вклучени во финалната верзија на Националната развојна стратегија. Потребна е поголема фискална децентрализација на општините и регионален развој, континуитет во политиките кои ги спроведуваат владите, издвојување на значителни средства за развој на образованието, туризмот и енергетскиот сектор.