Стратешки пристап е да се размислува да се градат нови капацитети во затворскиот систем

Сподели

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју во дневникот на МТВ одговарајќи на прашање за законот за амнестија, потенцира дека стратешкиот пристап е да се размислува во однос на тоа да се градат нови капацитети на затворскиот систем, да се стават во функција алките за пробација итн.
 
 „Јас имам многу јасен став по однос на ова прашање дека промена на законско решение или носење на посебен закон кој што ќе овозможи амнестија на лицата треба да има некаква крајна цел, што со тоа ќе постигнеме? Јас сметам дека ако целта е функционално да бидат растеретени казнено-поправните установи, тоа нема да се случи, затоа што според проценките на Агенцијата за извршување на санкции, станува збор за некаде околу 260 лица и можеби за некои 400 лица кои би добиле намалување на казната. Имајќи го предвид бројот на лица кои се на издржување казна затвор, имајќи предвид колку лица чекаат за извршување на санкцијата, може да се заклучи дека мора да се внимава околу стратешкиот пристап во однос на извршувањето на санкциите. Стратешки пристап е да се размислува во однос на тоа да се градат нови капацитети на затворскиот систем. Стратешки пристап е да се стават во функција алките за пробација за да можат добар дел лица да издржуваат казна во своите домови. Инаку, не е стратешки пристап и не е во интерес на безбедноста да криминални лица се наоѓаат надвор од казнено- поправните установи, на улица. Затоа што, имавме еден таков случај на закон за амнестија, за многу кратко време, за скоро три месеци завршија повторно како повторници пред се’ на кражби, тешки кражби, разбојништва, нарушувања на јавен ред и мир, за кој се бориме секојдневно да биде подобрен. И во тој правец сметам дека апсолутно нема да се постигне никаква цел“, рече Спасовски. 
 
Тој рече дека не сака да ја прејудицира одлуката на Собранието, но дека во секој случај МВР е подготвено секогаш да ја гарантира безбедноста на граѓаните. „МВР е подготвено секогаш да го чува јавниот ред и мир и безбедоста на граѓаните. Фактот дека во првите осум месеци во годинава имаме 500 повторници кои направиле нови кривични дела, говори во прилог на аргументите кои јас ги изнесов”, подвлече министерот Спасовски.