Започна 11. издание на Фестивалот за млади „Џифони Македонија“

Сподели

 

Со проекцијата на филмот „Вратената“ во режија на Џузепе Бонито, вчеравечер  во киното „Милениум“ беше отворено 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Над 550 учесници од девет земји се дел од 11. издание на „Џифони Македонија“ што ќе трае до 10 октомври. Во Младинскиот културен центар, Кинотеката на Северна Македонија и во киното „Милениум“, учесниците ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе учествуваат на креативни работилници.

Годинава, освен од нашата земја, на Фестивалот има учесници од Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.

За филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на Фестивалот, учесниците ќе имаат можност да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), со рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и со српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани девет работилници – три за јуниори и шест за кадети и сениори.

Програмата на Фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата чија цел е да придонесе за стабилизација во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел-дискусии, на тема ЕПИК, со претставници од филмски фестивали за деца од регионот, а в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории. Ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.