Самостојната изложба на уметницата Тања Балаќ со наслов „Раселени“, отворена на 5 септември во Музејот на Северна Македонија, деновиве е поставена во Стразбур, во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа. Официјалното отворање, на кое ќе се обрати амбасадорката Светлана Гелева, е закажано за денеска (16 октомври), но поставката, која ќе биде достапна за јавноста до 27 октомври, веќе го предизвикува вниманието на француската публика и критика.
Изложбата содржи дела создадени во периодот 2020-2023 година. Вкупно 27-те слики се своевидно дополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени и на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…
– Навистина ми е чест што сум овде во Стразбур во Советот на Европа за да ја споделам мојата изложба „Раселени“. Во изминатите четири години работев на овие слики, инспирирани од бегалската криза, која можевме да ја посведочиме преку нашите екрани. Уметноста треба да зборува за подобра иднина за сите. „Раселени“ се надоврзува на мојата претходна работа и се занимава со бегалската криза и со негативните информации што често ги добиваме од медиумите. Сакам да проговорам за ова глобално прашање од различни агли и да ги охрабрам сите заедно да најдеме решенија – вели уметницата Тања Балаќ во пресрет на отворањето на изложбата.
Тања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео-уметност.