Советот за безбедност на ОН ја осуди Северна Кореја за ракетните проби

Сподели

182891457_696e1b2a3e_z

Советот за безбедност на Обединетите нации ја осуди Северна Кореја поради лансирањето на балистички ракети и соопшти дека ќе преземе „значајни мерки“ како одговор на последните проби.

Тоа Пјонгјанг го оцени како провокација.

Текстот на резолуцијата за осуда на балистичкото тестирање беше едногласно усвоен вчера и за него гласаа сите 15 членки на Советот за безбедност, меѓу кои и Кина, главниот сојузник на Северна Кореја.

Во резолуцијата се наведува дека Советот „ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата и да презема значајни додатни мерки“, но не прецизираше за какви мерки станува збор.

Претставник на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, Џон Мин Док, остро реагираше на осудата на Советот за безбедност, наведувајќи дека дискусијата која под водство на САД се водела во Советот е „провокација“ и дека неговата земја развива нуклеарна ракетна програма како одговор на „нуклеарното застрашување кое го спроведува Вашингтон“.

Северна Кореја на 24 август лансираше ракета тип КН-11 од подморничка база во близина на градот Синпо, а сателитските снимки покажуваат дека после поминати 500 километри таа паднала во идентификациона зона на портивоздушната одбрана на Јапонија.