Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, денеска оствари средба со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стујарт Пич, кој престојува во нашата држава по повод учеството на Конференцијата за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан.
На средбата се разговараше за развојот на билатерални односи меѓу двете држави и можностите за унапредување на соработката за темите од заеднички интерес. Претседателот Адеми ја истакна важноста што нашата држава ја придава на досегашната британска поддршка во повеќе области и форми и изрази очекување таа да продолжи во иднина.
Адеми нагласи дека и по излегувањето од ЕУ, Обединетото Кралство продолжува да ги поддржува напорите за европска интеграција на земјите од регионот, со силна проектна и финансиска помош и преку поддршката на Берлинскиот процес.
Британскиот специјален претставник на премиерот, Пич, се заблагодари за придонесот што Република Северна Македонија го дава како членка на НАТО, посочувајќи, исто така, дека Западен Балкан има клучна улога во однос на стратешките политики на континентот и во рамки на ЕУ.
Двајцата соговорници разменија мислења и ставови за актуелните состојби во регионот и пошироко.