Македонците од Албанија бараат пописот да продолжи, Бугарија врши притисок

Сподели

 

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски побара од албанските власти да го продолжат пописот на населението во Мала Преспа и деловите каде што живее етничко македонско население. Причината за ова, според Стерјовски, е што официјално пописот траел шест недели, но во реалноста ситуацијата била сосем друга – се попишувале вкупно три недели.

 

Стерјовски изјави дека се соочиле со многу притисоци од бугарска страна, а Албанија дала слободен простор пописот на македонското население да го спроведе Бугарија, бидејќи на терен, јасно се гледало дека поединци, припадници на бугарската амбасада, но и структури од албанската држава ги терале Македонците да се попишат како Бугари.

„Бугарите на дневна основа знаеја кој како се попишува во нашите региони, така што ние на крајот на самиот процес, официјално како политичка партија на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција, ќе излеземе со официјален извештај и ќе ги објавиме јавно“, изјави Стерјовски.

Стерјовски бара продолжување на пописот, бидејќи во последните три недели од официјалниот старт на пописот, жителите во македонските краишта не се попишувале, бидејќи голем дел од луѓето кои живеат таму својата егзистенција ја обезбедувале со сезонска работа во соседните земји.

Според него, секој ден 400 до 500 лица влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи трае бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не биле попишани. „Доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш реагиравме. Од Тирана бараа да се попишаат, но проблемот беше што попишувачите не ги попишуваа и тука се сомневаме дека има директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал број вкупно население во Мала Преспа, но и на Македонци“, рече Стерјовски.

Бугарија правела притисок врз населението кое има аплицирано за бугарски пасоши, со цел да работи во земјите од ЕУ, за да ги убедува луѓето да се пишат како Бугари.

„На сите што имаат аплицирано за бугарски пасоши им се јавуваа од бугарска амбасада дека мора да се пишат Бугари во спротивно нема да земат бугарски пасош, а тие бугарски пасоши не се бесплатни, тоа се неколку илјади евра за едно семејство за таков пасош“, вели Стерјовски.