Се одржа 9. издание на SPEECH4TEACHERS на тема „Еднакви можности во образованието“

Сподели

 

Денес се одржа деветото издание на настанот Speech4Teachers, со кој Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ го одбележа Меѓународниот ден на детето преку обраќањата на неколку образовни експерти, практичари и креатори на образовни политики, кои говореа за еднаквите можности во образованието.
 
 
 
 
На настанот реализиран со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, се обратија Сузана Киранџиска, Извршна директорка на Фондација „Чекор по чекор“, Зорица Трикиќ, експертка од Меѓународна асоцијација „Чекор по чекор“  од Холандија, професорот Кирил Барбареев, од Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Добри Јовевски, одделенски наставник од ООУ Илинден – Крива Паланка, Наташа Томшиќ, предметна наставничка од ООУ Аврам Писевски – Скопје и Елена Мишиќ, Проектна менаџерка од Фондацијата „Чекор по чекор“.
 
 
 
 
Претставувајќи преку своите инспиративни говори нови перспективи и идеи, говорниците повикаа на унапредување на свеста за важноста на еднаквите можности во образованието како опкружување во кое владее правичност и во кое секое дете е поттикнато и поддржано во целост да ги оствари своите потенцијали.
 
На настанот беа претставени и ученичките активностите реализирани во 5 основни училишта за унапредување на образованието со цел овозможување еднакви можности.
 
Настанот заврши со пораката да продолжиме да придонесуваме кон образовен систем кој се грижи да обезбеди рамноправни можности за сите деца, без разлика на нивниот социо-економски статус, зашто така придонесуваме кон градењето правични и отворени општества за сите.