Поетесата Николина Андова-Шопова на поетски фестивал во Братислава

Сподели

 

Македонската поетеса Николина Андова-Шопова беше претставена на поетскиот фестивал „Арс поетика“ (Ars Poetica) во Братислава, Словачка. Избор од нејзината поезија со превод на словачки јазик од Звонко Танески беше објавен од издавачката куќа „Арс поетика“ (Ars Poetica), а со поддршка од Министерството за култура.

Фестивалот, кој е еден од најреномираните европски поетски фестивали и член на платформата „Версополис“ (Versopolis), оваа година се одржува од 15 до 22 ноември под мотото „Барајте ја жената“ (Cherchez la femme) и е посветен исклучиво на жени авторки и нивна афирмација.

Во рамките на програмата на Фестивалот, на словачката поетеса Мартина Стракова ѝ беше врачена плакетата со наградата „Мостови на Струга“, меѓународна награда што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО за дебитантска книга од млади автори до 35 години.

Стракова беше добитничка на наградата во 2020 година за нејзината дебитантска книга „Разгледници од невидливите места“.