Италијанска поддршка за нашите евроинтегративни процеси

Сподели

 

Во рамките на Конференцијата на Комисиите за европски прашања на Парламентите на земјите членки на Европската Унија,  претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, оствари одделна средба со Алесандро Џилио Вигна, претседател на Комисијата за ЕУ политики и Алесандро Катанео, член на Комисијата од Парламентот на Италија.

На средбата се направи размена на мислења, се претставија перспективите и критичните прашања поврзани со патот на нашата земја кон пристапувањето во ЕУ, како во однос на транспонирањето на acquis communautaire, така и во однос на поддршката на јавното мислење.

Изјавувајќи дека двете земји негуваат пријателски и сеопфатни односи, претседателот Адеми ја изрази својата решеност за продлабочување на соработката и интензивирање на политичкиот дијалог во следниот период. Тој се заблагодари за континуираната поддршка на Италија во процесот на европска интеграција, посочувајќи дека улогата на Италија, како релевантен надворешно-политички партнер на Северна Македонија, е од големо значење во процесот на пристапување.

Во поглед на пристапувањето во ЕУ, претседателот на Комисијата за ЕУ политики на Италијанскиот парламент, Џилио Вигна, ја изрази целосната поддршка на неговата земја за Северна Македонија, нагласувајќи дека Италија може да обезбеди помош во однос на пристапувањето во ЕУ преку зајакнување на севкупната соработка. Тој изрази уверување дека за време на својата функција ќе ја подобри парламентарната соработка на сите нивоа. Понатаму, Џилио Вигна, информираше дека Комисијата за ЕУ политики при Домот на пратеници во моментов разгледува и дебатира за важни резолуции во врска со поддршката на Италија на процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан. 

 

 

Соговорниците ги разгледаа можностите за натамошно унапредување на билатералните односи во областите од заемен интерес, при што беше истакната натамошната развојна соработка на политичко и економско ниво.